Тајландската премиерка Јинглак Шинаватра денеска изјави дека со задоволство ги примила најавите на опозицискиот лидер Абхисит Веџајива, кој вчера преку медиумите испрати порака дека неговата Демократска партија е подготвена да учествува во преговорите чија цел е ефикасно одржување на повторените избори во Тајланд.
Понуденото решение, уличните протести да се заменат со политички преговори дојде во вистинско време, бидејки постоеше можност за интензивирање на протестите од кога вчера беше потврдено дека е уапсен еден од лидерите на опозицијата, Саколте Фатијакул, кој се смета за најтврдокорен опонент на сегашната власт.
Медиумите во Бангкок денеска пренесуваат дека вчера опозицискиот лидер Веџајива имал разговори со функционери од Министерството за правда и најавил дека в понеделник ќе се сретне со началникот на Генералштабот на тајландската армија.
За весникот „Бангкок пост“ Веџајива изјавил дека е подготвен да разговара и со премиерката Шинаватра, но средбата ја услови со директен пренос на разговорот преку националната телевизиска мрежа.
Поништените избори во Тајланд, одржани на 2 февруари, треба да се повторат во јули, а најдоцна до првата половина на септември.