Обама ја условува помошта за Ирак со политички реформи

Од:

Соочен со драматичната криза во Ирак, американскиот претседател Барак Обама денеска најави дека нема да испрати воени сили за запирање на борбите во земјата, како и дека секоја американска акција за помош ќе зависи од подготвеноста на ирачките власти за политички реформи.

– Изминативе денови имаше значителен напредок на Исламската држава во Ирак и Левантот, терористичка организација која оперира во Ирак и во Сирија. Ирачките сили се покажаа неспособни да одбранат повеќе свои градови. Ова е закана за Ирак и неговиот народ, а евентуално може да биде закана и за американските интереси. Оваа закана не е нова, ние од изминатата година ја зголемувавме помошта за ирачката Влада со обука и опрема за нивните војници. Нема да ја праќаме војска назад во борба во Ирак. Јас побарав од моојт тим за национална безбедност повеќе други опции со кои ќе ги поддржиме ирачките безбедносни сили кои ќе ги разгледам деновиве, изјави Обама во обраќањето во Белата куќа посветено на кризата во Ирак, каде сунитската терористичка група Исламската држава во Ирак и Левантот (ИДИЛ) го освои Мосул, еден од најголемите градови во земјата, и се заканува дека ќе маршира кон Багдад.

Во своето обраќање претседателот Обама ги потсети ирачките власти дека САД многу вложиле во изградбата на демократски Ирак и ги обвини дека со години не успеале да постигнат политички договор меѓу мнозинските шиити, малцинските сунити и курдската заедница на северот на земјата.

Оттаму, Обама ја услови американската помош со ваков договор промовиран од премиерот Нури ал Малики, кој е лидер на најголемата шиитска коалиција во Ирак.

– Која било акција што ќе ја преземеме за помош на Ирачаните мора да дојде заедно со искрен и сериозен напор на ирачките лидери да ги надминат верските разлики, да промовираат стабилност, да ги бранат легитимните интереси на сите заедници и да изградат ефикасна безбедносна сила. Ние тоа не можеме да го направиме за нив. Во отсуство на ваква заложба, краткорочна воена акција или каква наша помош нема да успее, изјави Обама.

Претседателот оцени дека ирачките вооружени сили се соочени со цврста терористичка група, која паралелно се бори во граѓанската војна во соседната Сирија и во западните ирачки области. Но, според Обама, воената моќ на ИДИЛ не е толкава да го предизвика целосниот распад на ирачката армија кој се случува деновиве. Обама оцени дека причина за неспособноста на ирачката војска се политичките проблеми во земјата.

Обама ги повика и соседите на Ирак да се заложат за смирување на состојбата во земјата, изјава која доаѓа во време на засилени шпекулации во САД дека Иран, како најголема шиитска држава во светот, може да му испрати помош на премиерот Ал Малики против сунитските терористи.

Американскиот претседател додаде дека во овој момент нема поголемо попречување во снабдувањето на светските пазари со нафта. Иако Ирак е еден од најголемите извозници на нафта во светот, Обама рече дека САД се консултираат со други производители да го надоместат недостигот на нафта кој би можел да се појави ако ИДИЛ освои поголеми нафтени полиња во Ирак.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Крвав напад со нож во САД, четворица мртви

САД воведоа санкции за ентитети кои наводно им помагале на Хутите и Хезболах

САД бара од Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

ВИДЕО: Американската милјардерка која со Тесла излета во езеро и се удави била пијана

Малолетник убил девојче со 114 убоди од нож, сега му се заканува доживотен затвор

Горан Наумовски