Благајникот на претседателската изборна кампања на францускиот претседател Франсоа Оланд, според париски „Ле монд“ бил акционер на офшор компанија на Кајманските острови, јави дописникот на МИА од Париз.
Жан-Жак Ожие, кој беше благајник на Франсоа Оланд за време на претседателската кампања во 2012 година, бил акционер на офшор компанија на Кајманските острови, преку неговиот финансиски холдинг Еуран, пишува „Ле монд“.
Ова ново откритите на француските медиуми го става во уште понезавидна положба претседателот на Франција, кој вчера мораше лично да реагира на признанието на неговиот поранешен министер за буџет Жером Каузак дека поседува банкарска сметка во странство, по што беше обвинет за перење на пари од затаен данок.
Овие две афери само ја влошуваат позицијата на Оланд, кој ги собори сите рекорди на непопуларност во Франција. Финансиските афери полека се претвораат во политички скандал, од кој полза ќе извлечат само партиите од крајната десница и левица.