Научниците со нови информации за глобалното затоплување: за 23 години се стопиле 28 билиони тони мраз

Од:

Научниците од универзитетите во Лидс, Единбург и Лондон анализирале сателитски слики од глечери, планини и ледени плочи меѓу 1994 и 2017 година за да ги идентификуваат ефектите од глобалното затоплување, а резултатите од нивната студија беа објавени во списанието „Cryosphere Discussions“.

Опишувајќи го губењето на мраз како „шокантно“, групата откри дека топењето на глечерите и ледените плочи може да доведе до драстично покачување на нивото на морињата до крајот на овој век.

„Секој сантиметар на покачување на нивото на морето значи дека ќе бидат протерани околу еден милион луѓе од нивните домови“, рече професорот Енди Шепард, директор на Универзитетскиот центар за поларно набудување и моделирање, за „Гардијан“.

Драматичното губење на мразот може да има и други сериозни последици, вклучително и големи нарушувања во биолошката рамнотежа на водите на Северниот Пол и Антарктикот, како и намалување на способноста на планетата да го рефлектира сончевото зрачење во вселената.

Резултатите се на ниво на најлошото сценарио од претходните предвидувања на ООН за климатските промени, потврдија научниците.

„Во минатото, истражувачите проучувале одделни области, како што е Антарктикот, каде мразот континуирано се топел. Но, ова е првпат некој да го проучи мразот што исчезнува од целата планета“, рече Шепард.

„Она што го најдовме навистина нè зачуди“, додаде тој.

Наодите доаѓаат по една недела откако истражувачите од државниот универзитет во Охајо открија дека мразот на Гренланд дошол до точката на топење од која нема повторно враќање. Според истражувачите, Гренланд ќе продолжи да губи мраз, дури и ако глобалните температури престанат да растат.

Ледената покривка на Гренланд е втора по големина во светот.

„Она што го откривме е дека мразот што се топи во океанот далеку го надминува нивото на снег што се акумулира на површината“, рече Михалеа Кинг, автор и истражувач во Центарот за истражување на климата при Државниот универзитет во Охајо.

Според претходна студија спроведена од НАСА, најтоплата деценија на Земјата била во периодот од 2010 до 2019 година.

Би можело да ве интересира

Исландските глечери се намалуваат многу брзо, им се заканува целосно исчезнување

Ана Ололовска

Светот е на пат да се самоуништи, предупреди Папата

Жарко Настоски

2020 e една од трите најтопли години од 1850 година наваму

Жарко Настоски

Доцни замрзнувањето на водата и создавањето мраз на Арктикот

Ана Ололовска

ВИДЕО: Глечер на Швајцарските Алпи потклекнува пред глобалното затоплување

Жарко Настоски

Се бара потврда од Русија за рекордните 38 степени измерени во Сибир

Жарко Настоски