НАТО: Русија има рок до 2 август да се усогласи со нуклеарниот договор

Од:

Земјите членки на НАТО утре ќе разговараат за следните чекори во случај Русија да не престане да го прекршува нуклеарниот договор за ракети од среден дострел. НАТО и дава рок на Москва до 2 август да се усогласи со потпишаниот договор.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, денеска, ден пред почетокот на состанокот, предупреди дека Русија има пет недели да ги уништи забранетите ракети.

-Русија има до 2 август да ги уништи ракетите кои го прекршуваат договорот, НАТО проба да разговара за ракетниот систем, вклучително и во Советот НАТО-Русија и повторно ќе ги отвориме прашањето на следниот состанок. Ја повикуваме Русија да биде одговорна, но немаме индиции дека има намера да го стори тоа, таа продолжува да развива нови ракети, остануваа пет недели за да се спаси договорот, а утре ќе одлучиме кои ќе бидат следните чекори ако Русија не се усогласи, изјави утрово Јенс Столтенберг.

САД и нивните НАТО сојузнички неколку години ја предупредуваат Москва дека не ги почитува одредбите од повелбата за нуклеарни ракети од среден дострел, склучен 1987-та година, која забранува да се развиваат одреден тип ракети со дострел помеѓу 500 и 5500 километри.

Кон крајот на минатата година, САД најави дека се повлекува од повелбата поради тоа што Русија одбива да се усогласи и да престане да ги развива забранетите ракети.

НАТО Алијансата во овој контекст ќе има улога да ја организира на ефикасен начин својата одбрана во случај Русија да продолжи да ги распоредува проектилите.

-Нашиот одговор ќе биде умерен и координиран и ние нема да го имитираме тоа што го прави Русија, ние не сакаме трка во вооружување, истакна генералниот секретар на Алијансата.

Министрите за одбрана на НАТО утре и задутре на редовниот состанок во Брисел ќе разговараат и за буџетските трошења на земјите членки во делот на одбраната, тема која предизвикува длабоки тензии со американскиот партнер.

Во 2014-та година, останатите земјите членки од Европа и Канада се заложија дека до 2024-та сите ќе ја постигнат целта од два проценти од бруто домашниот производ да се одвојува за одбраната.

НАТО денеска ги објави последните бројки за 2019-та година кои покажуваат растечки тренд во овој дел.

-Има вистински раст за 2019 од 3,9 отсто кај европските сојузници и Канада, имаме сега пет консекутивни години на раст во трошењето за одбраната, европските земјите и Канада од 2016 ќе имаат додадено над сто милијарди долари, изјави генералниот секретар и истакна дека сѐ повеќе сојузници се на пат да ја постигнат целта од два проценти за одбраната.

Освен овие две главни теми, сојузниците утре ќе разговараат и за развојот на вселенската политика на НАТО.

-Министрите на овој состанок ќе одлучат каква рамка е потребна за справување со предизвиците во вселената, ќе ги изградиме сите елементи и ќе донесеме одлуки за зајакнување на вселенската политика во наредните години, изјави Столтенберг.

НАТО планира да развива заедничка вселенска политика затоа што вселената може да претставува ризик од агресија, сателитите можат да бидат хакирани или користени како оружје а комуникациите да се парализираат, нагласи Столтенберг.

Би можело да ве интересира

Путин и Ердоган разговараа за формирање уставна комисија на Сирија

Првата пловна нуклеарна електрана на пат кон Арктикот

Русија заинтересирана Лавров да ја посети Грција до крајот на годината

Германија ја заврши постапката за ратификација на протоколот за НАТО

Ана Ололовска

Путин со инструкции за соодветен одговор на САД

Ана Ололовска

Ракетниот систем С-400 соборил цели што летале со бризина поголема од 2.000 км/ч

Ана Ололовска