„Најмоќниот либиски војсководец“ во поход на Триполи

Од:

– Во Либија од минатата недела обновени се судирите помеѓу Либиската национална армија (ЛНА) предводена од генерал Калифа Хафтар, кој од источниот дел тргна во освојување на западниот дел од земјата и на Триполи, што се под контрола на меѓународно признаената Влада, предводена од Фајез ел Сараџ.

Обновените судири во Либија може да ја попречи испораката на нафта и гас и да придонесе за пораст на мигрантите во Европа. Либија е транзитна точка на стотина илјади мигранти кои ја преминуваат Сахара, со цел да стигнат до Средоземно Море и Европа.

Судирите ги поткопуваат и плановите на ОН за изнаоѓање на договор за одржување на избори во Либија, со цел да се реши долготрајната нестабилност на земјата.

По соборувањето на долгогодишниот лидер Муамер ел Гадафи во 2011 година Либија е нестабилна поради големиот број на вооружени групи кои се борат за власт и контрола над нафтените полиња.

Од летото 2014 година Либија е политички поделена на две влади – самопрогласената во источниот дел на земјата, со седиште во Тобрук што е под контрола на 75-годишниот Хафтар и меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи со премиерот Сараџ.

Хафтар себе си се претставува како непријател на исламистичкиот екстремизам, но неговите политички опоненти тврдат дека тој е нов диктатор, како Гадафи, чие четиридецениско владеење беше обележано со тортури, исчезнувања и убиства.

Фелдмаршал Хафтар учествуваше во воениот удар во 1969 година, кога Гадафи ја презеде власта во Либија.

Но, Хафтар за време на војната против Чад (1978 – 1987) беше во затвор, каде прави заговор против Гадафи.

На почетокот на 90-тите години на минатиот век Хафтар заминува во САД, каде во 1993 година е осуден во отсуство на смртна казна за злосторства против Џамахирија.

Тој како висок воен офицер учествуваше во соборување на режимот на Гадафи во 2011 година.

Хафтар го опишуваат како „најмоќниот либиски војсководец“ кој се борел „со и против речиси секоја значителна фракција“ во либиските судири, како и „човек со голем воено искуство“.

Генералот Хафтар има поддршка од Египет и од Обединети Арапски Емирати.

Претходно, Русија соопшти дека не го поддржува Хафтар, а САД побараа моментален прекин на воените дејствија во Либија.

ЛНА извршува и воздушни напади врз јужниот дел на Триполи и се обидува да напредува кон центарот на градот и кон аеродромот кој е вон употреба.

Вооружени групи пристигнуваат од Мисрата за да и помогнат на меѓународно признаената Влада на Сараџ да ја блокира ЛНА.

Според најновите податоци на либиското Министерство за здравство во борбите за Триполи досега убиени се најмалку 25 луѓе, а 80 се повредени.

Помеѓу жртвите има борци од двете спротивставени страни, но и цивили.

Хуманитарната канцеларија на Обединети Нации во денешниот извештај посочува дека најмалку 2.800 луѓе побегнаа од борбите што се водат во јужниот дел на главниот град на Либија, Триполи од 4 април.

Во извештајот се наведува дека голем број цивили и понатаму се заробени и отсечени и не можат да добијат помош.

– Се поголемото распоредување на трупи би можело да резултира со значително раселување на населението, се посочува во извештајот.

Исто така се истакнува дека агенциите на терен имаат итни медицински резерви за три месеци за третман на 210.000 луѓе и 900 повредени.

САД побараа итен прекин на воените акции во Либија во исто време кога ЛНА предводена од генералот Хафтар напредува кон Триполи.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека е „длабоко загрижен поради борбите што се одвиваат во близина на Триполи“ и апелираше на разговори со цел ставање крај на судирите.

Обединети нации синоќа побараа завојуваните страни да прогласат двочасовен прекин на огнот со цел да се евакуираат жртвите и цивилите, но и покрај тоа продолжи судирот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Драматичнa ситуација во Дерна: Илјадници трупови се распаѓаат под урнатините

На плажа во либискиот град Дерна пронајдени се 400 тела

(ВИДЕО) Морето исфрла тела на жртви од Дерна стотици километри подалеку

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се стравува дека во Либија загинале 20.000 луѓе: „Бранот од седум метри урна згради во морето“

Уништените брани кои ја предизвикаа катастрофата во Либија ги изградија југословенски компании

(ВИДЕО) Либија: Морето постојано исфрла десетици тела

Горан Наумовски