Најмалку деветмина Палестинци убиени во акција на израелската армија во Џенин

Од:

Девет лица се убиени во операција на израелската армија во Џенин на Западниот Брег на реката Јордан.

Палестинското Министерство за здравство во Рамала соопшти дека меѓу убиените има и жена, како и оти има неколку повредени.

Според службата за итна медицинска помош при палестинската „Црвената полумесечина“, ситуацијата на теренот не е јасна, а отежнат бил и пристапот на екипите за брза помош до жртвите и повредените.

Израелската армија соопшти дека инцидентот се случил откако биле нападнати нејзини припадници додека се обидувале да уапсат неколку членови на милитантната палестинска организација Исламски џихад.

Двајца од осомничените биле застрелани додека се обидувале да побегнат, а друг се предал. Според армијата, се работи за лица осомничени за планирање терористички напад.

Израелските медиуми, повикувајќи се на политички извори во Ерусалим пишуваат дека земјата треба да биде подготвена за можна ескалација со Палестинците по денешната воена операција.

Ситуацијата на Западниот Брег веќе подолг период е мошне напната. Од серијата напади минатата година, израелската армија постојано спроведува рации, што потоа резултираат со смртоносни конфронтации.

Џенин се смета за упориште на палестинските милитанти.

Во израелски воени акции и напади оваа година досега се убиени 21 Палестинец, од кои петмина малолетни лица. Минатата година беа убиени 172 Палестинци, што е најголем број од 2006 година.

Израел го освои Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година. Денес таму живеат повеќе од 600 илјади израелски доселеници. Палестинците бараат територии за независна држава Палестина, со арапски источен Ерусалим како главен град.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

САД и Германија ги предупредија Израелците да не ја напаѓаат Рафа

Британците првпат со падобрани испорачаа помош во Газа, испратија порака и до Израел

Катерина Ѓуровски

Израел не дозволува конвои со храна да минуваат до северниот дел на Газа

Катерина Ѓуровски

САД предлага итен прекин на огнот во Газа

Блинкен во обид да договори примирје меѓу Хамас и Израел

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск