Многу Европејци не го поднесуваат важниот играч во надворешната политика, САД

Од:

Вијести – Подгорица

Главниот американски дипломат за Европа, Викторија Нуланд е омилена кај многумина на Капитол хил, вклучувајќи голем број на демократи. Меѓутоа, многу поголеми поделби предизвикува во Европа, каде треба да негува силни и добри односи, пишува Форин полиси. Нејзините европски колеги во разговор за американското списание ја опишаа како дрска, директна, силна, груба и понекогаш недипломатска. Меѓутоа, потенцираа и дека вистинските политички разлики се причина за нивната фрустрираност, посебно нејзината поддршка за праќање на оружје во Украина.

– Не се однесува како останатите дипломати. Настапува прилично идеолошки – рече еден европски функционер.

Форин Полиси наведе дека големата иронија во врска со Викторија Нуланд е тоа што истите тие квалитети поради кои е ѕвезда во Вашингтон, ја прават контроверзна во Европа, во момент кога трансатланските односи се многу тензични.

Нуланд, кариерен дипломат е главно лице на Стејт департментот за украинската криза и за сите 50 американски амбасадори во Европа и Азија. Со месеци го лета Атлантикот обидувајќи се да создаде единствен одговор на Запад за агресијата на Москва, пишува американскиот весник.

За нејзината популарност во Вашингтон е заслужна агресивната реторика со која ги критикува Русите и ги поттикнува Европејците да заземат поцврст став.

Прва го употреби зборот инвазија

Во март ја обвини Москва дека спроведува владеење на терор на Крим и во источна Украина. Исто така, таа е прв американски функционер која јавно го употреби зборот инвазија, за акцијата на Русија во соседната држава.

Повеќе пати ја прекори Русија и нејзините сепаратистички марионети, бидејќи направиле неописливо насилство и пустош и вети дека ќе се потруди претседателот Владимир Путин да плати за било каква дополнителна ескалација, потсети списанието.

На сведочењето во Конгресот рече дека преговарала со Европејците невозможна мисија, а лани се појави аудио снимка каде таа вели „Fuck EU“, во телефонски разговор со амбасадорот на САД во Украина.

Наспроти скромната титула помошник секретар за европски и евроазиски работи, Нуланд со години е главен играч во американската надворешна политика, работејќи и за неоконзервативните републиканци и за либералните демократи.

За време на мандатот на Џорџ В. Буш, беше заменик советник за национална безбедност на потпретседателот Дик Чејни. Пред да ја преземе актуелната функција, беше портпаролка на Стејт департментот, кога шефица на дипломатијата беше Хилари Клинтон.

Стекна доверба на двете партии

– Како најистакнат член на единствениот, некои ќе кажат невозможен сојуз, Дик Чејни-Хилари Клинтон, стекна доверба и кај демократите и кај републиканците – рече државниот секретар Џон Кери, кога Нуланд полагаше заклетва во септември 2013 година.

Поради силните врски со Хилари Клинтон и моќните републиканци, многу набљудувачи очекуваат нејзината кариера да се унапреди без оглед на тоа која страна ќе победи во 2016 година. Пред тоа мора да помине преку минско поле на предизвици на сегашната позиција.

Европските соговорници ја сметаат за покренувачка сила со јастребовска струја во владата на Барак Обама, со право или не, наведува Форин полиси.

– Многу Европејци и секако Москва ја мразат Нуланд, што е само причина повеќе нејзината политичка база на Капитол хил да ја обожува – рече еден соработник во Конгресот.

Во Европа е раширена претпоставката дека Нуланд е водечки заговорник за праќање на оружје во Украина, на што силно се противат Германците, Унгарците, Италијанците, Грците, од страв од ширење на судирите со Москва.

И Белата куќа се противи на праќањето на оружје како помош за Киев, бидејќи Москва ужива т.н. доминација на ескалацијата, т.е. во состојба е да ги надмине украинските сили без оглед на видот на помош кој го обезбедува САД.

Освен поради политичките разлики, Европејците не ја поднесуваат и поради остриот стил.

– Некои се склони да ја доживуваат како агресивна, макар за умртвениот европски дипломатски амбиент – вели Федерига Бинди од Факултетот за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс.

Тие што ја поддржуваат Нуланд, велат дека токму е потребен остар однос за да се наметне одговор од Вашингтон на Русија по пропојувањето на Крим.

Форин полиси потсетува дека стратегијата на Белата куќа е да ја обедини Европа против Русија со комбинација на казнени но невоени мерки. Тоа ги опфаќа американските и европските економски санкции, исфрлување на Русија од Г-8 и сугерирање на лидерите на државите сојузнички да не го покануваат Путин во посета, или да не ја посетуваат Русија на ниво на шефови на држави.

Меѓутоа, не е лесно да се обединат Европејците, се констатира во текстот.

По повод прашањето на военото одвраќање на Москва, Европејците целосно се поделени. Балтичките држави се залагаат за поагресивен одговор, додека Италија и Грција сакаат дипломатски пат. Германија и Франција пак, бараат некое средно решение.

Ги навреди и ги налути Италијанците

Кога се во прашање санкциите, европските лидери поради деловните односи со руските компании се колебаат повеќе од САД. Американскиот весник пишува дека европските држави, кога се однесуваат неочекувано, мора да одговорат на Викторија Нуланд, што не поминува секогаш мазно.

На пример, таа кон средината на март појде во Рим, откако италијанскиот премиер Матео Ренци се состана со Путин, во прва официјална посета на некој важен европски лидер по анексијата на крима.

Италијанците се инатеа на западната политика на изолирање на Путин. Според еден дипломатски извор, Нуланд била толку прекорна што ги навредила и налутила италијанските соговорници.

Епизода поради која стана озлогласена

Нуланд не е единствен функционер во администрацијата на Обама која го поддржува вооружувањето на Украина, но во Европа стана лице на таа политика поради една епизода во текот на Минхенската безбедносна конференција во февруари.

На почетокот на форумот, Нуланд и генералниот командант на здружените сили на НАТО во Европа, генерал Филип Бридлав, имаа неофицијален разговор со американската делегација во која имало десет членови на Претставнчкиот дом и Сенатот.

Без знаење на Нуланд и Бридлав, новинар од Билд влегол во просторијата каде бил одржан брифинг и објавил извештај кој силно одекна во Германија, но слабо го испратија медиумите на англиски јазик.

Во текстот е наведено дека Нуланд и Бридлав вршеле притисок на американските законодавци да одобрат праќање на одбранбено оружје на Украина и да ги омаловажат дипломатските напори на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд по повод Русија.

– Не би биле во позиција да обезбедиме толку оружје за Украина, да може да ја порази Русија. Тоа не ни е целта. Но, мораме да се обидеме да ја зголемиме цената за Путин на боиштето – рекол наводно Бридлав.

Како што навел германскиот новинар, Нуланд изјавила: – Сакам да ве повикам да го користите зборот дефанзивен систем за она што ќе го испорачуваме против офанзивните системи на Путин. Еден висок претставник на администрацијата го оспори таквото карактеризирање на брифингот, но законодавецот кој беше присутен, републиканецот Мајк Помпео, го потврди пишувањето на Билд во интервју за Форин полиси.

– Кога бев на конференцијата во Минхен, високи претставници на администрацијата кои разговараа со американската делегација, многу јасно рекоа дека се залагаат за праќање на дефанзивно оружје на Украина – рече тој.

Тој функционер за Форин полиси рече дека состанокот повеќе имал за цел смирување на Европа, во врска со политичките опции кои ги разгледуваше Белата куќа, отколку со било што друго. Додаде дека Нуланд и Бридлав јасно рекле дека не е донесена таква одлука и се обиделе да негираат некои помалку веројатни шпекулации кои кружеле во Европа, на пример САД да разгледуваат да се вклучат во борбата во Украина.

Се вљубиле зборувајќи за демократијата и улогата на САД во светот

Нуланд, која течно зборува француски и руски, е ќерка на покојниот Шервин Нуланд, угледен професор на универзитетот Јејл и сопруга на Роберт Кејган, истакнат неоконзервативен интелектуалец.

И Кејган, еден од основачите на Проектот за новиот американски век и меѓу најистакнатите заговорници за инвазија на САД на Ирак, знае да ги иритира Европејците. Автор е на познат есеј за растечкиот јаз меѓу САД и Европа во надворешната политика. Кога е во прашање воената сила, Американците се од Марс, а Европејците од Венера – напишал Кејган.

На церемонијата на инаугурацијата, Нуланд го искористила есејот на Кејган да го опише нивниот брак. – Тој е мој Марс, моја Венера, тој е мојата планета Земја – рекла таа.

Тие двајца минатата година за Политико изјавиле дека се вљубиле разговарајќи за демократијата и улогата на Америка во светот, на еден од првите состаноци. Многу Европејци мислат за Нуланд дека е републиканка бидејќи е мажена за Кејган, но нејзиниот јастребски пристап кон Русија не е осамен во Обамината администрација, се вели во натписот.

Според тврдења на високи претставници на САД и други истакнати Американци приватно го поддржуваат вооружувањето на Украина, вклучувајќи го и Кери, министерот за одбрана Ештон Картер, како и потпретседателот Џо Бајден.

Би можело да ве интересира

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски

Белата куќа се противи на палестинската државност

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Спектакуларно бегство на затворен од САД