Меркел притиска за тотално затворање на Германија, по рекордниот број починати во еден ден

Од:

Во Германија во изминатите 24 часа починале 1.244 лица како резултат на компликации од Ковид-19, што е највисок дневен биланс на жртви од почетокот на пандемијата. Претходниот црн рекорд беше забележан на 8 јануари, кога починаа 1.188 лица.

Во Германија денеска беа регистрирани и над 25.000 новозаразени лица, а состојбата со епидемијата го принуди државниот врв да размислува за уште построги рестриктивни мерки и тотално „затворање“ на државата.

Канцеларката Ангела Меркел денеска побарала уште построги мерки за справување со растечката епидемија и итни кризни средби со лидерите на регионите, според извори од нејзината партија, ЦДУ.

Сопартијците на Меркел велат дека таа изјавила оти вирусот може да биде запрен само со „значајни дополнителни мерки“. Според весникот „Дер Шпигел“, меѓу построгите рестрикции за кои се размислува се: проверки на граничните премини, задолжително носење висококвалитетни ФФП2-маски на одредени места и настојувањето повеќе луѓе да работат од дома.

Меркел исто така изразила загриженост за мутираниот тип на вирусот што неодамна беше откриен во Велика Британија и се прошири низ Европа, предупредувајќи дека луѓето мораат итно да ги намалат социјалните контакти за да избегнат ширење на мутацијата, за која се смета дека полесно ги заразува луѓето.

Германските власти веќе ги затворија училиштата, сите продавници кои не продаваат основни продукти, баровите, рестораните, како и сите објекти и содржини наменети за забава и култура, а мерките постепено се заоструваа од ноември наваму.

Според важечките здравствени прописи, во едно домаќинство може да дојде во посета само една личност од друго домаќинство, а сличните мерки поврзани со јавните собири и групирањето би требало да останат во сила најмалку до крајот на месецов. Сепак, Меркел и други членови на владата веќе најавија дека е речиси извесно оти тие ќе важат и во февруари.

Од почетокот на пандемијата, во Германија се заразиле речиси два милиони луѓе, а починале околу 45.500, според Институтот „Роберт Кох“.

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени