Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска го изрази своето незадоволство од однесувањето на Русија кон Украина и изјави дека нема причини за кревање на европските санкции против Москва, пренесоа американските медиуми.
Меркел и натаму посакува дипломатско решение на украинската криза, но, според неа, настаните од минатата недела покажуваат „колку тешко е дури и да се почитуваат постигнатите спогодби, ако се имаат предвид незаконските избори“.
Русија ги поддржа изборите на териториите во источна Украина, што се контролирани од бунтовниците, а кои се оддржаа во неделата.
Според Владата во Киев и Западот, овие избори значат прекршување на мировните спогодби од Минск, потсетуваат американските медиуми.
– Русија уште не дејствува на начинот на кој ние би сакале, особено околу состојбата во Луганск и Доњецк, рече Меркел во Берлин на конференцијата, организирана од Унијата на германските работодавачи.
– Спогодбите од Минск требаше да бидат основата, па затоа економските санкции се неизбежни и во моментов нема причина за нивно кревање, подвлече германскиот канцелар.