Меѓународната заедница во обид да издејствува примирје во Либија

Од:

По неуспехот во Москва, денеска во Берлин се одржува Меѓународна конференција за Либија, на која ќе се повика на прекин на сите воени акции и за имплементирање на надзорен механизам како прв чекор кон мирот. Конференцијата се одржува на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел.

На Конференцијата учество потврдија претставници на Русија, САД, Кина, Велика Британија, Италија, Франција, Египет, Алжир и Обединети Арапски Емирати, Обединети нации, Европска Унија, Африканска Унија и Арапска лига.
Според неименувани дипломати на Конференцијата нема да има обид за договор за поделба на власта помеѓу двете завојувани страни.

Либија по соборувањето на Моамер ел Гадафи во 2011 година е поделена земја помеѓу ривалските страни кои се борат за превласт. Но, нивните судири се интензивираа во април минатата година кога Калифа Хафтар презеде голема офанзива врз Триполи, но меѓународно признаената влада возврати и настана пат позиција.

Меѓународно признаената Влада на Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од државата. Додека генерал Хафтар, чие седиште е во Тобрук , контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња.
Ситуацијата во земјата со најголеми резерви на нафта во Африка дополнително се комплицира со финансиска, дипломатска и воена помош од странски сили за спротиставените страни. Турција, која ја поддржува Владата во Триполи веќе испрати војници во Либија. Владата во Триполи ја поддржуваат и Катар, САД и Италија, чиј нафтен гигант ЕНИ има привилегирана позиција во Либија.
Хафтар има помош од Русија, Египет, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Саудиска Арабија и Франција.

Хафтар (76), кој има двојно државјанство – на Либија и на САД, повеќе пати ги смени страните. Од генерал за време на режимот на Гадафи, до соработник на ЦИА и непријател на долгодишниот либиски лидер. Последните години повторно ја смени страната и се здружи со Москва во обид да воспостави контрола врз цела територија на Либија. Русија се надева дека ќе ги врати договорите вредни милијарди долари што ги изгуби кога беше соборен Гадафи.

Спротиставените страни се и идеолошки поделени. Владата во Триполи е поврзана со исламистичките милиции, а Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ стравуваат дека е поврзана и со Муслиманско братсво, додека Хафтар се претставува како секуларен лидер.

На денешната Конференција во Берлин, како што се наведува во нацрт-заклучоците од Конференцијата ќе се апелира за „прекин на сите воени дејствија и директна поддршка на страните во судирот на цела територија на Либија од почетокот на процесот на примирје“.

Во документот се повикуваат учесниците и на спроведување на структурни економски реформи.

Во нацрт-заклучоците исто така се посочува дека треба да се „поттикневоспоставување на механизам за обнова на Либија, што ќе поддржи развој и обнова во сите региони под нова претставничка и единствена влада на нацинално ниво, за да се развијат тешко погодените подрачја“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Драматичнa ситуација во Дерна: Илјадници трупови се распаѓаат под урнатините

На плажа во либискиот град Дерна пронајдени се 400 тела

(ВИДЕО) Морето исфрла тела на жртви од Дерна стотици километри подалеку

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Се стравува дека во Либија загинале 20.000 луѓе: „Бранот од седум метри урна згради во морето“

Уништените брани кои ја предизвикаа катастрофата во Либија ги изградија југословенски компании

(ВИДЕО) Либија: Морето постојано исфрла десетици тела

Горан Наумовски