Додека руски проектили го уништуваат нејзиниот град, Хана очајно сака да избега. Но, нејзината стара мајка одбива да замине.
„Не можам да ја оставам“, изјави Хана за Би-Би-Си преку телефон. “Таа рече дека сака да спие во својот кревет. Има 71 година и има проблеми со нозете. Ако остане сама, нема да може да набави вода или дрва за греење”, додава Хана.
Заробени во опасен стан на петтиот кат, живеат под речиси постојано бомбардирање и воздушни напади. Двете се меѓу последните преостанати жители на Авдивка, стратешки важен град кој лежи на линијата на фронтот во источна Украина.
„Речиси сите прозорци и врати ни се скршени. Со нападите секој ден, нема смисла да се поправаат, бидејќи повторно би биле скршени“, вели Хана.
„Ги ставивме главите во опасност за да стигнеме до последната преостаната продавница во градот“, вели Хана. „Нема каде да се скриете во случај на напад, ако го слушнете свирежот, немате доволно време да стигнете на безбедно“, опишува таа.
Жителите на Авдивка сега се потпираат на објектите изградени низ целата земја од страна на украинската влада за да обезбедат храна, топлина, струја и засолниште. Таму се крие и медицинската сестра Марина. Ова е нејзиниот нов дом откако нејзината куќа беше разнесена во напад.
Но, дури и во релативната безбедност на подрумот, вели, не спие многу.
„Ракетите летаат секоја вечер. Секој ден и секоја ноќ. Ги има премногу. Сите чувствуваат страв“, изјави за Би-Би-Си. Нејзиниот син побегнал од градот, таа се надева дека наскоро ќе оди кај него.
„Градот и околните села се постојано напаѓани. Без разлика дали се работи за артилерија, ракетни фрлачи или авијација – водени воздушни бомби, ракети. Тие ги напаѓаат градот и селата, куќите во кои живеат луѓето“, вели Марина додека се подготвува за евакуација и се присетува на Авдијивка пред избувнувањето на војната.
„Имаше парк, булевар. Имаше многу продавници. Засадивме дрвја. Овде беше многу убаво. Имавме културен центар, многу фестивали и прослави“, вели и се надева дека еден ден ќе се врати. Но, се плаши дека ништо нема да остане од градот по ова страшно уништување.
Поголемиот дел од луѓето избегаа од тука. Имаше борби и во 2014 година, но откако Русија ја започна својата инвазија минатиот февруари, населението се намали од повеќе од 30.000 на нешто повеќе од 1.000.
Русија започна голема офанзива врз градот претходно овој месец и борбите се интензивираа во последните денови. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша ситуацијата како особено тешка.