Либан бара САД да посредува за ставање крај на поморскиот спор со Израел

Од:

Либанската влада денеска го покани американскиот претставник кој посредува меѓу Либан и Израел за нивната спорна поморска граница да се врати во Бејрут што е можно поскоро за да постигне договор во услови на зголемени тензии долж границата.

Поканата за Амос Хохштајн, висок советник за енергетска безбедност во американскиот Стејт департмент, дојде еден ден откако Израел постави нафтена платформа на локација во полето Кариш, за кое Израел вели дека е дел од неговата ексклузивна економска зона призната од ОН. Либан инсистира дека е во спорна област.

Вчера Либан го предупреди Израел да не започнува со дупчење во полето Кариш, а либанскиот претседател Мишел Аун рече дека преговорите за границата не се завршени, додавајќи дека секој потег на Израел ќе се смета за „провокација и непријателски чин“.

Кабинетот на либанскиот претседател соопшти дека земјата официјално ги известила ОН во февруари дека Кариш е дел од спорната област и дека Советот за безбедност треба да го спречи Израел да дупчи таму за „да се избегнат чекори кои можат да го загрозат меѓународниот мир и безбедност“.

Либанската екстремистичка организација Хезболах, која неколку пати се бореше против Израел, предупреди дека со оружје ќе ги брани либанските деловни права.

Израелското Министерство за енергетика потврди дека платформата пристигнала вчера, по петнеделното патување од Сингапур и дека се предвидува дека наоѓалиштето Кариш ќе обезбеди половина од потребите на Израел за природен гас и ќе овозможи поголем извоз во Египет и Јордан.

Израелската министерка за енергетика Карин Елхарар денеска изјави дека полето воопшто не е на спорната територија и го повика Либан да се врати на индиректните преговори. Таа рече и дека Министерството за одбрана на Израел ги презема неопходните чекори за заштита на платформата, без да навлегува во детали.

Привремениот либански премиер Наџиб Микати денеска изјави дека се договорил со претседателот Аун да го покани американскиот претставник да се врати во Бејрут за да преговара за поморскиот спор со цел што поскоро да се заврши и да се спречи „ескалацијата што нема да и служи на стабилноста“ во моментов во регионот..

И Израел и Либан, соседните земји кои официјално се во војна од 1948 година, тврдат дека имаат околу 860 квадратни километри од Средоземното Море.

Преговорите под покровителство на САД се во застој со месеци поради несогласувањата за големината на спорната област.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Иран: Немаше ракетен напад, соборивме израелски беспилотни летала

Горан Наумовски

ABC News: Израелски проектили погодија локација во Иран

Убиен командант на Хезболах во израелски напад врз Либан

Нов состанок на воениот кабинет на Израел

Иран: Следниот напад ќе биде за неколку секунди

Катерина Ѓуровски