Лавров: Г7 сака да ја порази Русија на бојното поле и да не заузда нас и Кина

Од:

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека одлуките донесени од групата Г7 во Јапонија се насочени кон „двојно задржување“ на Русија и Кина, а Кина ги обвини западните земји за мешање во нејзините внатрешни работи.

На прес-конференцијата Лавров го повтори руското тврдење дека Западот ја користи војната во Украина за да и нанесе стратешки пораз на Русија.

„Задачата беше поставена гласно и отворено – да се победи Русија на бојното поле, но не само тоа, да се елиминира како геополитички ривал“, изјави шефот на руската дипломатија.

„Погледнете ги одлуките што се дискутираат и се усвоени денеска на состанокот на Г7 во Хирошима, а кои имаат за цел двојно задржување на Русија и Кина“, додаде тој.

Г7 претходно објави дека членките се согласиле да ги зајакнат санкциите против Москва и да ја намалат изложеноста кон Кина. Тие го повикаа Пекинг да ја принуди Русија да ја запре својата воена агресија и да ги повлече своите сили од украинска територија.

И кинеското Министерство за надворешни работи се спротивстави на изјавата на Г7 и се пожали на Јапонија како организатор на состанокот. Министерството соопшти дека Г7 ја игнорира загриженоста на Кина и дека напаѓа и се меша во нејзините внатрешни работи, вклучително и Тајван.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, пристигна во Хирошима и се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџо Мелони и британскиот премиер Риши Сунак.

„Франција е рамо до рамо со вас од самиот почеток. Ќе бидеме таму до самиот крај“, му рече Макрон на Зеленски.

Моди на средбата ја изрази својата поддршка за дијалогот и дипломатијата, соопшти неговиот кабинет на Твитер. Зеленски на Телеграм напиша дека го запознал индискиот лидер со хуманитарните потреби на неговата земја и формулата за мир предложена од Киев и ја покани Индија да учествува во нејзиното спроведување.

Пристигнувањето на украинскиот лидер во Јапонија доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден во петокот им кажа на претставниците на Г7 дека Вашингтон ја поддржува заедничката обука на украинските пилоти за летање со борбени авиони Ф-16.

Би можело да ве интересира

Украина предупредува на трета светска војна пред клучната одлука во Америка

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Украинците објавија снимка: Вака изгледа град кој го напаѓаат Русите

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Русите ги распоредуваат моќните ракети „Кх-69“

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Американски снајперист во Украина: Мора да го запреме Путин

ВИДЕО: Русија жестоко нападна неколку украински градови, најтешко погоден Харков

Катерина Ѓуровски