Лабуристот Ентони Албанезе положи заклетва на функцијата премиер на Австралија

Од:

Новиот австралиски премиер Ентони Албанезе денеска положи заклетва на функцијата пред да отпатува на самитот во Токио на кој ќе присуствува и американскиот претседател Џо Бајден.

Поранешниот лидер на левоцентристичката опозиција кој истакнува дека неговата земја е подготвена да се вклучи во борбата против климатските промени, ќе учествува на самитот „Quad“ (САД, Индија, Јапонија, Австралија) што од утре ќе се одржува во Токио. На собирот покрај Бајден ќе учествуваат и јапонскиот премиер Фумио Кишида и индискиот премиер Нарендра Моди.

Новиот 59-годишен премиер положи заклетва на кратка церемонија. Меѓу членовите од неговиот тим кои ја презедоа функцијата се и министерката за надворешни работи Пени Вонг, која ќе го придружува Албанезе на самитот во Токио, министерот за буџет Џим Чалмерс и министерката за финансии Кејти Галагер.

Централно-левичарската Лабуристичка партија на Албанезе на изборите одржани во саботата ја победи конзервативна коалиција на неговиот претходник Скот Морисон, која девет години управуваше со земјата и притоа смени тројца премиери.

Се уште не е завршено пребројувањето на гласовите за да се утврди дали партијата на Албанезе ќе има мнозинство во Парламентот.

„Сакам да водам влада која го има истото чувство на оптимизам и надеж што, според мене, сметам дека го дефинира австралискиот народ“, рече Албанезе пред да замине од Сиднеј во Канбера каде ја даде свечената заклетва.

Албанезе кој се опишува себеси како прв кандидат за премиерската функција што нема англо-келтско име, и Пени Вонг која е родена во Малезија и е првата министерка за надворешни работи родена во странство, дадоа заклетва пред генералниот гувернер Дејвид Харли. Заклетва положи и вицепремиерот Ричард Марлс, кој ќе ја врши функцијата премиер додека Албанезе е во Јапонија.

Засега Лабуристичката партија има сигурни 75 од вкупно 151 место во Парламентот, што е едно помалку од потребното мнозинство.

Конзервативната коалиција е на пат да освои 58 места, неврзаните пратеници 12, а шест места се уште се неизвесни, објави Австралиската изборна комисија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Момчето кое уби епископ е обвинето за тероризам, oдлучија обвинителите од Сиднеј

Нападот на епископ во црква во Сиднеј е терористички чин оцени полицијата

ВИДЕО: Идентификуван напаѓачот од Сиднеј, уби шестмина и избоде деветмесечно бебе

ФОТО: Полицајката од Сиднеј го совладува напаѓачот

А1он

ВИДЕО: Напад со нож во Сиднеј, еден напаѓач убиен, другиот избегал

А1он

ВИДЕО: Избезумени коали се држат за дрвја за време на сеча