Курц: Неопходна ни е регионална акција во случај на втор бран на епидемијата

Од:

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека во случај на втор бран на новиот коронавирус, потребна е добро прилагодена регионална акција и најави дека Австрија нема да дозволи граѓани на земји каде коронавирусот не е под контрола да влезат во земјата.

Во разговорот со премиерите на земјите кои успешно реагирале на заканата од коронавирусот, Курц истакна дека е неопходен и систем за брзо утврдување на контактите на заболените лица.

Тој посочи дека регионалното ширење на вирусот е многу различно и додаде дека во некои региони нема вирус, додека други се повеќе погодени.

– Она што мора да го спречиме во секој случај е уште едно запирање на општеството и економијата. Затоа треба брзо да се идентификуваат новите жаришта, рече Курц, додавајќи дека на тој начин ќе се спречи одредени искри да станат пожари.

Тема на состанокот на осумте премиери, меѓу кои на Австралија, Израел, Данска, Грција, Норвешка, Чешка и Сингапур, беше и постепеното отворање на границите меѓу сите земји што добро се справуваат со кризата и имаат ниски стапки на нови инфекции.

Курц истакна дека Австрија има интерес да ги отвори границите кон Германија и Чешка и изрази надеж дека ќе се пронајде решение.

Сепак, тој е воздржан во однос на шансите за летување во странство, па дури и во случајот со Грција, за која рече дека добро ја извршува работата во борбата против вирусот.

Според него, важен фактор е дали Австријците ќе наидат луѓе кои доаѓаат од несигурни региони во странство, а што се однесува до Австрија, тој ја отфрли можноста луѓето од „несигурни региони“ да влезат во земјата.

– Она што Австрија може да го гарантира, а тоа е во интерес на австриското население и потенцијалните туристи кои доаѓаат во земјата, е дека нема да им дозволи влез на луѓето од земји кои го немаат коронавирусот под нивна контрола и кои на тој начин претставуваат потенцијална опасност, објасни тој.

Курц рече дека е договорено земјите кои успешно се борат против коронавирусот да ги обединат своите напори, особено во истражувањата на вакцини и лекови.

На видео средбата учествуваа премиерот на Австралија Скот Морисон, на Израел Бенјамин Нетанјаху, на Данска Мете Фредриксен, на Грција Киријакос Мицотакис, на Норвешка Ерна Солберг, на Чешка Андреј Бабиш и на Сингапур Ли Хсиен Лонг.

Овојпат премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн не можеше да учествува на состанокот, а за следната недела закажан е нов виртуелен Самит.

Би можело да ве интересира

Голема лавина во Австрија: Четворица затрупани во снег, тројца мртви

Србин е уапсен во Австрија за силување жена

Селекторот на Австрија отстрани тројца играчи од тимот поради хомофобија

Tри борбени кучиња во Австрија убија жена, сопственичката на животните е осудена

Авганистанец е осомничен за убиството на три сексуални работнички во бордел во Виена

Горан Наумовски

За помалку од 24 часа во Виена се убиени четири жени и едно девојче