Дојче веле – Бон
Криумчарите очигледно постојано купуваат пасоши од Чесите кои живеат во тешки социјални услови. Со тие препродадени пасоши од една членка на ЕУ, бегалците од Сирија, Ирак и други кризни земји доаѓаат во Европа.
Трикот на криминалците кои моментално задаваат главоболки на чешката полиција сеуште е многу нов. Нема многу информации за позадината на тоа криминално дејствие, вели Хуберт Ланг кој во чешкиот главен град Прага го води одделението за издавање на лични документи. – Тоа веројатно функционира вака: одредени социјално загрозени групи ги продаваат своите пасоши кои потоа ги пријавуваат како изгубени или украдени. Или се работи за документи на умрени лица кои не се вратени на властите. Нај опасна категорија се пасошите кои не се пријавуваат како изгубени или украдени. Тоа значи дека тие идентификациски броеви на пасошите не се појавуваат во ниту еден шенгенски информациски систем. Со тоа контролата на границите на Шенгенот е исклучително тешка – објасни чешкиот службеник.
Едноставно лепат нова страница во пасошот
Чешката полиција поаѓа од тоа дека зад тие криминални дејанија стојат организации на криумчарски банди. Тие по Европа ги врбуваат луѓето кои им ги продаваат своите документи. Во земјите во кои беснее граѓанска војна и кризните земји на арапскиот регион тие пасоши всушност вредат вистинско мало богатство. – На бегалците им треба било кој пасош за да можат воопшто да се качат во авион и да одлетаат во насока на Европа. Кога ќе дојдат во Европа, главно поднесуваат барање за азил. А тоа дека чешките пасоши по прашањето на безбедноста припаѓаат меѓу најдобрите во светот, не ги менува ништо фактите дека тие пасоши можат да се злоупотребат на едноставен начин – предупредува Хуберт Ланг.
За бегалците на кои целта им е Европа, тие документи не се ништо друго туку можност воопшто да се качат во авион. Притоа не игра никаква улога фактот дека најдоцна во целниот аеродром во Европа се открива дека пасошот е украден, бидејќи стигнувајќи на европско тло бегалците веднаш поднесуваат барање за азил. Хуберт Ланг вели дека воопшто не е потребно некое големо техничко знаење за користење на тие пасоши: – Тие луѓе едноставно преку идентификациската страна лепат нова страница која е печатена со помош на мастилен или ласерски пишувач. На таа страница, на пример, се гледа едно арапско лице и лични податоци на соодветното лице. Потоа тоа го контролира полицијата. Но, не се контролира секое лице кое изгледа арапски.
Потребни нови законски одредби
Чешката полиција во меѓувреме забележа над 100 случаи во кои наводно украдени документи се злоупотребени за влез во ЕУ. Меѓутоа, точниот број треба да е многу поголем бидејќи веќе постојат сигурно многу случаи за кои полицијата воопшто не знае. За да го стават тој проблем под контрола, чешките власти се обидуваат сега да влијаат на граѓаните кои ги продаваат своите документи. Повеќето од нив, како што дознава Хуберт Ланг потекнуваат од социјално загрозени средини во Чешка, пред се од северозападниот дел на земјата.
Меѓутоа, истражувачите не знаат ни колку криминалните банди им плаќаат на тие луѓе за нивните документи, а ни по кои патишта купените пасоши стигнуваат во кризните региони. – На препродавачите на пасоши најтешко е да се докаже кривично дело. Но секако: ако некој во рок од две години, три до четири пати ги изгуби своите документи, тогаш тоа не е нормално и ние тоа го истражуваме – потенцира Хуберт Ланг.
Бидејќи на тие криминалци тешко може да се докаже прекршок, во чешкиот Кабинет за странци надеж гледаат во нови законски одредби. – Ќе се потрудиме законодавството по тоа прашање така да го промениме, да има поостри санкции ако во кус рок пасошот повторно е наводно изгубен или тие документи ќе се појават во рамки на случаи на илегалната миграција – објаснува Хуберт Ланг.
Меѓутоа, останува за друг пат тоа да се реализира. До тогаш, полицијата стравува дека трговијата со ЕУ документи и понатаму ќе цвета.