Ковид-19: Бројот на деца кои живеат во сиромашни домаќинства ќе се искачи до 86 милиони до крајот на годинава

Од:

Новата анализа на „Спасете ги децата“ (“Save the Children”) и УНИЦЕФ открива дека без итна акција, бројот на деца кои живеат во сиромашни домаќинства во земјите со низок и среден приход може да порасне за 15 проценти и да достигне 672 милиони

Економските последици од пандемијата со КОВИД-19 може да турнат во сиромаштија над 86 милиони деца до крајот на 2020 година, што претставува пораст од 15 проценти, се вели во новата анализа објавена денес од „Спасете ги децата“ и УНИЦЕФ.

Во анализата се потенцира дека без итна акција за заштита на семејствата од финансиските тешкотии предизвикани од пандемијата, вкупниот број деца кои живеат под националната линија на сиромаштија во земјите со низок и среден приход може да достигне 672 милиони до крајот на годинава. Скоро две третини од овие деца живеат во Супсахарска Африка и Јужна Азија.

Земјите во Европа и Централна Азија може да забележат најзначајно зголемување, до 44 проценти во целиот регион. Латинска Америка и Карибите може да забележат пораст од 22 проценти.

„Пандемијата на корона вирусот активира невидена социо-економска криза што ги троши ресурсите на семејствата низ целиот свет“, рече Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ. „Обемот и длабочината на финансиските проблеми на семејствата се закануваат да го поништат напредокот што се постигна во последните години во намалувањето на сиромаштијата кај децата и да ги лишат децата од основните услуги. Без усогласено дејствување, семејствата што одвај преживуваат може да бидат турнати во сиромаштија, а најсиромашните може да се соочат со лишувања што не биле видени со децении.

„Спасете ги децата“ и УНИЦЕФ предупредуваат дека влијанието од глобалната економска криза предизвикано од пандемијата и од релевантните политики за нејзино сузбивање е двојно. Непосредното губење приход значи дека семејствата имаат помала можност да си ги дозволат основните потреби, меѓу кои храна и вода, помали шанси за пристап до здравствена заштита или образование и поголем ризик од детски бракови, насилство, експлоатација и злоупотреба. Кога се намалува фискалната способност, се намалува и достапноста и квалитетот на услугите од кои зависат семејствата.

Кај најсиромашните семејства, немањето пристап до услуги за социјална заштита или до компензаторни мерки дополнително ја ограничува нивната способност да се придржуваат кон мерките за сузбивање и за физичко растојание, а со тоа дополнително се зголемува нивната изложеност на инфекција.

„Драматичните ефекти од пандемијата со Ковид-19 на сиромаштија силно ќе ги погодат децата. Тие се многу ранливи дури и во кратки периоди на глад и неисхранетост – кои може да имаат трајни ефекти врз нивниот понатамошен живот. Ако дејствуваме сега и решително, можеме да ја спречиме и да ја ограничиме опасноста од пандемијата што им се заканува на најсиромашните земји и на најранливите деца. Овој извештај треба да биде повик за будење на светот. Сиромаштијата не е неизбежна за децата“, рече извршната директорка на „Спасете ги децата“, Ингер Ашинг.

Пред пандемијата, две третини од децата низ светот немаа пристап до никаква форма на социјална заштита, со што семејствата немаа можност да ги издржат финансиските шокови продолжувајќи го злокобниот круг на меѓугенерациска сиромаштија. Само 16 проценти од децата во Африка се опфатени со социјална заштита.

Стотици милиони деца се и понатаму мултидимензионално сиромашни – што значи дека немаат пристап до здравствена заштита, образование, соодветна исхрана или соодветно домување – честопати како одраз на нееднакви инвестиции во социјалните услуги од страна на владите.

За децата кои живеат во земји веќе погодени од конфликт и насилство, ефектот од оваа криза дополнително ќе го зголеми ризикот од нестабилност и од запаѓање на домаќинствата во сиромаштија. Регионот на Блискиот Исток и Северна Африка, дом на најголем број загрозени деца поради конфликт, има највисока стапка на невработеност кај младите, додека скоро половина од сите деца во регионот живеат во повеќедимензионална сиромаштија.

За да се даде осврт и да се ублажи ефектот од КОВИД-19 врз децата во сиромашните домаќинства, „Спасете ги децата“ и УНИЦЕФ повикуваат на брзо и големо проширување на системите и програмите за социјална заштита, меѓу кои и парични трансфери, училишна исхрана и детски додатоци – критични инвестиции со кои се третираат непосредните финансиски потреби и се поставуваат темелите за подготвеност на земјите за идни шокови.

Исто така, владите мора да инвестираат и во други форми на социјална заштита, фискални политики, интервенции за вработување и за пазарот на трудот, за поддршка на семејствата. Ова вклучува проширување на универзалниот пристап до квалитетна здравствена заштита и други услуги; и инвестирање во политики по мерка на семејствата, како на пример платен одмор и грижа за децата.

Откако избувна КОВИД-19, многу земји веќе ги проширија програмите за социјална заштита. На пример:

  • Во Индонезија, програмата Карту Сембако, која обезбедува месечна парична помош за основна потрошувачка во семејството, го прошири својот опфат на 20 милиони. Месечната парична помош за семејствата се зголеми од 150 илјади Рп (индонезиски рупии) на 200 илјади Рп;
  • Во Монголија, владата петпати ја зголеми месечната помош од Паричната програма за деца од 20.000 МНТ (монголиски тугрици) месечно на 100.000 МНТ во рок од 6 месеци.
  • Во Аргентина, програмата Универзален детски додаток обезбеди зголемување од 3.100 аргентински пезоси (47 УСД) за своите актуелни корисници;
  • И во Јужна Африка, неколку шеми за социјална заштита, меѓу кои и дотацијата за издршка на деца, која стигнува до 12,8 милиони деца, обезбедуваат дополнителни додатоци.
  • Во Грузија, програмата за Насочена социјална помош (НСП) ќе биде привремено проширена за да им се обезбеди поддршка на дополнителни 70.000 семејства; како и да се обезбедат уште по 100 грузиски лари (31 УСД) месечно за 21,000 домаќинства од НСП со три или повеќе деца за 6 месеци.
  • Во Ерменија, подобните семејства што се запишани во системот за семејна помош ќе добијат надополнување еднакво на 50% од помошта.
  • Во Колумбија, владата креира Програма за солидарен приход, со цел да обезбеди парични трансфери за домаќинствата кои во моментов не добиваат помош од ниедна друга национална владина програма. Од 21 мај, над 2 милиони ранливи семејства добиле трансфер од 320.000 пезоси (еквивалент на 81 УСД) преку две еднакви исплати во март и мај.
  • Во Перу, Владата обезбедува солидарен бонус за руралните домаќинства, самостојните работници и ранливите семејства, како и нова универзална обврзница, за 6,8 милиони домаќинства. Потребен е посебен фокус за да се допре до луѓето кои живеат во оддалечени подрачја, до домородното население и мигрантите.

Би можело да ве интересира

Ваучери од 50 евра за наставничките, за родителите срамно е децата да им носат цвеќе

Орце Костов

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Група деца се затруле со чист алкохол во Белградски клуб: Последиците може да бидат страшни

А1он

Пријавен обид за грабнување деца од училиште во Карбинци

Анита Петровска Рајковиќ

Родители бараат да се постават камери во градинка во Дебар: Сакаме да знаеме како ни се третираат децата

Орце Костов

„Децата го преземаат Собранието“ по повод Светскиот ден на детето