Комичар меѓу фаворитите за претседател на Украина

Од:

Дојче Веле – Бон

На последниот ден од март Украинците ќе избираат претседател. На фаворитете Петро Порошенко и Јулија Тимошенко сметката може да им ја расипе еден комичар, наведува во авторскиот текст за Дојче Веле украинскиот новинар и аналитичар Сергеј Руденко.

Претседателската кампања во Украина зема замав. За три месеци граѓаните со право на глас од таа земја ќе изберат нов шеф на државата и изгледа дека рамо до рамо со двајцата фаворити – поранешната премиерка Јулија Тимошенко и актуелниот претседател Петро Порошенко е и актерот Владимир Зеленски. Во предвечерјето на Нова година тој официјално соопшти дека влегува во претседателската трка.

Неговото учество во изборната кампања за аналитичарите значи дека е многу тешко да се предвиди резултатот. Според досегашното испитување на јавното мислење овој комичар има добри шанси да се најде во вториот круг на гласањето. Тоа значи дека ниту Тимошенко ниту Порошенко не може да сметаат со сигурност дека борбата ќе биде одлучена во нивни директен двобој.

Во текот на последните 15 години сведочевме на натпревар меѓу тие двајца политичари. По Портокаловата револуција, Порошенко ја изгуби од Тимошенко трката за примат и премиерското место. Сепак, кога Јулија ја формираше својата втора Влада, во неа се најде место и за Порошенко како шеф на дипломатијата. По Мајданските протести, Порошенко лесно ја остави зад себе Тимошенко, која само неколку месеци пред тоа, со нарушено здравје, излезе од затвор.

Нема сомнение дека изборите се судбински за нив двајца. За неа ова е трета и сигурно последна шанса да седне во најважната фотелја. За него тоа е борба да остане во фотелјата и да ги задржи своите профитабилни бизниси. Таа ветува доколку победи „Порошенко ќе одговара за сè“. Тој пак обвинува дека Тимошенко повторно ќе ја сврти Украина кон Русија. Во следните три месеци нивните меѓусебни кавги ќе дадат тон на кампањата. Најмалку еден од нив двајца ќе влезе во вториот круг. Едниот од нив, на крајот, веројатно и ќе ја води државата.

Демоскопите во текот на последните години во првите пет фаворити го видоа, освен комичарот Зеленски, и музичарот Свјатослав Вакарчук. Но и едниот и другиот долго паузираа во политичките настапи и не ги артикулираа своите политички програми. Сега на Вакарчук веќе не му се даваат никакви шанси. Но Зеленски останува во водечката тројка да се натпреварува против двајцата ветерани во украинската политика.

Симпатизерите на актуелниот претседател Порошенко многу се налутија кога, непосредно пред Нова година, на телевизијата „1+1“ наместо новогодишно обраќање на претседателот го видоа говорот на Зеленски, во кој официјално ја најави кандидатурата. Тоа се смета за јавен бунт на сопственикот на таа телевизија Игор Коломојски против Порошенко. Се смета дека на тој начин еден олигарх се одмаздува на друг поради национализацијата на банката „Приват“. Во што се состои таа одмазда? Уметничкиот уредник на „Квартал 95“ и глумец Зелински е човек кого политиката никогаш не го интересирала, но според анкетите може да се најде во вториот круг во гласањето за претседател. Неговиот рејтинг всушност е рејтинг на недоверба во актуелната власт. Украинците се подготвени масовно да гласаат за комичарот познат по улогата на претседателот Голобородик од серијата „Слуга на народот“, па така многумина попрво ќе гласаат за него отколу за актуелната власт.

Зеленски не е Роланд Реган и никогаш не бил гувернер. Но сепак неговото учество во трката создава проблеми за Порошенко и Тимошенко. Единствено прашање е дали актерот и оние кои стојат зад него ќе одат до крај. Не е исклучено во случај да влезе во вториот круг против Тимошенко, Зеленски да се повлече во нејзина корист. Впрочем Тимошенко има активна поддршка од сопственикот на телевизијата Коломојски.

А што ќе биде со Зеленски по изборите? Тој ќе ја поведе својата партија „Слуга на народот“ на парламентарни избори во октомври.

Дури и пред официјалниот почеток на кампањата повеќе од 30 политичари најавија кандидатури. Наскоро ќе биде познато кој од нив ќе го мине процесот на регистрација кој предвидува и оставање залог од два милиони гривни (околу 60 илјади евра). Последен ден за регистрација е 7 февруари. Повеќето кандидати нема да имаат никакви изгледи туку ја користат претседателската кампања за сопствена промоција за пред парламентарните избори. Некои од нив се вообичаени уфрлени кандидати со цел да соберат дел од гласовите кои инаку би ги добиле Порошенко или Тимошенко.

На почетокот на кампањата можеме да заклучиме дека во украинската политика, со исклучок на Зеленски, нема нови лица. Пет години по смената на режимот на Виктор Јанукович гледаме на премногу добро познати лица. Главните фаворити во политиката се подолго од две декади. Но, ако ништо друго благодарејќи на еден комичар, трката ќе биде интересна.

Би можело да ве интересира

Нова корупциска афера во Украина, осомничен е министер за земјоделство

Русите прават голем напредок во источна Украина

Кина ги отфрли обвинувањата дека ја поддржува руската инвазија на Украина

Унгарија повторно ќе ја блокира помошта за Украина

Русите бесни поради одлуката на САД за нова помош за Украина: „Ова ќе заврши со понижување“

Орце Костов

Украина: Во рускиот напад на областа Дњепропетровск загинаа 8 лица, 29 се повредени

Горан Наумовски