Јововиќ: Треба да се притисне Европарламентот да гласа против Трочањи

Од:

Програмскиот директор на црногорскиот весник „Вијести“, Михаило Јововиќ, денеска на конференцијата „Денови на медиумите“ го коментираше назначувањето на Унгарецот Ласло Трочањи за комесар за проширување.

-Јас немам доверба дека овој човек цени што значи слобода на медиуми, порача Јововиќ за време на главната панел дискусија на оваа конференција.

„Денови на медиумите“ е редовна конференција организирана од страна на Европската комисија, посветена на слободата на медиумите на Западниот Балкан и оваа година се одржува во Подгорица.

Долгогодишниот новинар и поранешен главен уредник на „Вијести“, Јововиќ, за МИА дообјасни дека назначувањето на Трочањи на оваа функција е поразително за сите во регионот кои се залагаат за владеење на правото и европски вредности.

Ласло Трочањи е еден од архитектите на најконтроверзните судски реформи на владата на Виктор Орбан, поради кои Унгарија е предмет на прекршочни процедури.

-Орбан е голем пријател на Ѓукановиќ, Вучиќ, Додик, секако дека тој сака и се залага за проширување кон овие земји со вакви лидери, што е можеби и поголема опасност од самиот Трочањи, тој жестоко ќе се залага за проширување за да може да има свои сојузници во ЕУ, вели Јововиќ за МИА.

Тој потсети дека во регионот сѐ уште не се искоренети корупцијата и организираниот криминал, а слободата на медиумите и демократијата се на незавидно ниво.

-Најдобро е да се почека сега да се види што ќе направи Европскиот Парламент, но ме радува што голем број експерти отворено се изнесоа против овој предлог и на многу поостар начин од мене.

Јововиќ вели дека постои можност да се заменат мандатите и проширувањето да и се даде на друга земја членка на ЕУ, со оглед на тоа дека речиси секој предлог на владата на Орбан би можела да е проблематична, посебно за Македонија поради азилот на Никола Груевски.

-Срамота е што му дадоа азил, иако мене ми е чудно како тој ја напушти земјата, бидејќи на Македонија и е многу подобро ако Груевски не е таму, но без разлика на тоа дали власта го пуштила да побегне, тоа што е направено само за тој да избегне затвор е срамота, додаде Јововиќ.

Слична осуда пристигна и од Курт Басунер, од Советот за демократизација, на конференцијата денеска кој предупреди за “потенцијално катастрофални“ последици за регионот доколку биде одобрен Трочањи.

Од страна на Европската Комисија пак никој не коментира отворено.

Генералниот директор за проширување во ЕК, Кристијан Даниелсон, утрово за МИА одби да даде коментар, додека пак Геновева Руиз Калавера, исто така од ЕК, се обиде да ги смири загрижените, инсистирајќи на фактот дека она што е важно е тоа што го работат службите на Комисијата во однос на проширувањето, како и мандатот кој ќе му биде даден на еврокомесарот.

-Јас сум оптимист дека ќе имаме јасен мандат и дека тој мандат ќе надвладее, рече Калавера.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески