Избори во Авганистан: Напади во Кундуз, има жртви

Од:

Во северен Авганистан, каде денеска се одржуваат претседателски избори, бунтовниците испукале проектили од минофрлач во градот Кундуз во обид да спречат гласање, соопштија официјални претставници.

Гулам Рабани Рабани, член на советот на провинцијата Кундуз, рече дека талибанците нападнале припадници на авганистанските безбедносни сили на две локации надвор од градот.

Рабани рече дека има жртви, но не може да прецизира колку, бидејќи телекомуникациските мрежи повремено се прекинуваат.

– Целта на нападот е да ги заплашат луѓето и да ги принудат да останат дома, да не излезат на гласање, рече Рабани.

Тој додаде дека излезноста во Кундуз најверојатно ќе биде ниска со оглед на заканите со насилство.

Претходно беше јавено дека најмалку 15 лица се повредени во бомбашки напад на џамија во Кандахар, град во јужен Авганистан.

Како што пренесуваат светските агенции, на тоа место се наоѓа избирачко место.

Лекар од болницата во Кандахар изјави дека меѓу повредените има еден полицаец, неколку изборни функционери и Авганистанци кои дошле да гласаат.

Според него, тројца повредени се во критична состојба.

Експлозијата се случила само еден час откако гласачите почнале да се собираат на изборачките места.

Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Претседателските избори во Авганистан се одржуваат во атмосфера на несигурност и страв од напади на талибанците, кои се заканија дека насилно ќе ги одвратат граѓаните да излезат на гласање.

Право на глас имаат околу 9,6 милиони Авганистанци, избирајќи од 18 кандидати, од кои само шест се сметаат за сериозни.

Фаворити се актуелниот претседател Ашраф Гани и претседателот на Извршниот совет Абдула Абдула, кој изјави дека се плаши од изборни манипулации.

Двајцата се на власт веќе пет години во влада на национално единство, формирана по изборите во 2014 година, која беше обвинета за измама и корупција.

Сепак, најголемиот предизвик на денот на изборите ќе биде безбедноста, а по заканата на талибанците, соседен Пакистан ги затвори граничните премини со Авганистан.

Според најавите, ќе бидат ангажирани 100.000 припадници на безбедносните сили. Сепак, во областите каде што не може да се гарантира безбедноста поради заканите на талибанците, стотици избирачки места ќе останат затворени.

Заканувајќи се со напади, радикалните талибанци ги повикаа граѓаните да останат во своите домови за да не „бидат повредени“.

Министерот за внатрешни работи, Масуд Андараби, во интервју за АП, рече дека планот за безбедносните мерки за време на изборите се планира повеќе од осум месеци.

Пред секое од речиси 30.000 избирачки места во земјата, ќе бидат воспоставени три различни кордони на безбедносните сили.

Прелиминарните резултати не се очекуваат пред 17 октомври, а конечните резултати не пред 7 ноември. Ако ниту еден кандидат не освои 51 процент од гласовите, вториот круг ќе се одржи за две недели.

Би можело да ве интересира

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан

Османи на дискусија за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Орце Костов

Нов силен земјотрес го погоди западниот дел на Авганистан

Силен земјотрес е регистриран во Авганистан, на границата со Таџикистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан