Италијанската економија може да се намали на 13 проценти оваа година, како резултат на корона-кризата.
Тоа го нагласи денеска гувернерот на централната банка на Италија.
– Според основното сценарио, економскиот пад оваа година би изнесувал девет проценти, рече гувернерот Игназио Виско.
– Второто сценарио, што се заснова на повеќе песимистички, иако не екстремни претпоставки, предвидува пад на БДП од 13 проценти оваа година и многу побавно закрепнување во 2021 година, предупреди тој.
БДП на Италија падна за 5,3 проценти во првите три месеци од оваа година на квартална основа, според сезонски и календарски прилагодени податоци од Заводот за статистика.
Првата проценка покажа пад од 4,7 проценти.