Исламска држава крахира, а крајот на кризата во Сирија сè уште не се гледа

Од:

Безмалку осум години по почетокот на војната во Сирија, ситуацијата во оваа веќе разурната држава ни оддалеку не може да се каже дека се смирува или стабилизира. Во неа досега има над 200.000 убиени борци и цивили, меѓу кои и над 10.000 деца, милиони избегани и раселени, разурнати градови, споменици на културата, патишта, инфраструктура, девастирана економија, хуманитарна криза, безбедносна опасност на секој чекор… Ова се само мал дел од проблемите со кои се судруваат сириските власти и, пред сè, граѓаните кои останаа во земјата.

Режимот на претседателот Башар ал-Асад, силно поддржан од руските специјални сили, иранските единици и либанските шиитски платеници, годинава успеа да поврати контрола врз поголем дел од земјата, која од 2011 година во добар дел беше под комплетна власт на калифатот Исламска држава. Но, ова е само навидум, бидејќи во земјата сè уште има делови што се под џихадистичка контрола, делови во северозападниот дел на земјата каде што патролираат руските и турските сили, како и делови, особено околу нафтените наоѓалишта, каде што и натаму неприкосновени се американските војници. Значи, равенка со многу непознати за иднината на земјата.

Воено-политичкиот аспект на сириската криза дефинитивно ќе го решаваат големите сили и соседите, ако се суди според самитите и средбите што годинава се организираа на оваа тема, и билатерално и мултилатерално. Но, во моментов многу поопасен е хуманитарниот аспект на кризата, бидејќи во соседните земји и низ Европа веќе се раселени повеќе милиони Сиријци, а ниту тие што останаа во земјата не може да се каже дека не се хуманитарно загрозени. Турција и нејзините претставници речиси секојдневно испраќаат пораки дека контингентот од 3,8 милиони сириски бегалци во нивните логори и градови се преголем залак за нивната економија, без ветената инјекција од ЕУ, па затоа преку ноќ можат да станат нова темпирана бомба за Европа и да ја повторат бегалската криза од 2016 година.

Пролетна офанзива

По целосното разместување на контингентите руски поморски, копнени и воздухопловни сили во земјата во нивните две новоформирани бази во Сирија, што пристигнаа на покана на сириските власти, и особено по внатрешната консолидација на сирсиките воено-безбедносните сили, претседателот Асад на почетокот на пролетта ја нареди офанзивата за освојување на упориштата на џихадистите во северниот дел на земјата, особено во провинцијата Идлиб и деловите што граничат со Ирак. Борбите за секоја улица, село и град траеја неколку месеци, а кон крајот на летото Исламска држава прогласи воен пораз и пропаѓање на концептот на исламски калифат. Илјадници нивни борци беа убиени и заробени, а уште толку се прикрија, додека стотици илјади нивни жени и деца станаа товар за меѓународната заедница.

Некако паралелно со овие борби, во прв план годинава излезе и прашањето на правата на сириските Курди, кои за сето време на кризата во Сирија се бореа, пред се, за својот спас од безумијата на џихадистите, и спасот на своите територии. Јавно се декларираа како подржувачи на политиката на САД во Сирија и беа нивни сојузници. Само заради нивната умешност на војување, многу места во северниот дел на Сирија не паднаа во рацете на џихадистите, што повеќепати беше поздравувано од нивните американски пријатели. Но, нивната тесна врска „пукна“ во октомври кога американскиот претседател одеднаш го најави повлекувањето на американските војници од Сирија, што беше иницијална каписла турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да го реализира планот што долго го заговараше за пресметка со единиците на сирските Курди, кои како и оние Курди во Турција, ги смета за терористи.

Турска офанзива во северна Сирија

Администрацијата на Трамп набрзо ја смени првичната одлука и експресно врати контингент од 500 до 1.000 војници во близина на нафтените полиња, но тоа веќе не беше пречка Ердоган да ја реализира замислата за навлегување во северниот дел на Сирија, создавајќи тампон зона во длабочина од 30 километри на сириска територија. За ова, тој претходно се консултираше и со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи, а подоцна и со американскиот потпретседател Мајк Пенс во Анкара.

Турција на 9 октомври ја почна најавената операција „Извор на Мирот“, и за неколку дена навлезе 30-тина километри во внатрешноста на Сирија, создавајќи тампон или безбедносна зона и разоружувајќи ги Курдите. Тоа беше дел од договорот од Сочи и Анкара, од кои како круцијално произлезе прашањето на заедничките руско-турски патроли долж сириско-турската граница, источно од реката Еуфрат.

Турскиот претседател веднаш ја почна и реализацијата на вториот дел од планот, а тоа е враќање на дел од бегалците што се наоѓаат на турска територија во „ослободените“ делови од северот на Сирија. Планира во најбрз можен рок таму да врати милион од сегашните 3,8 милиони сириски бегалци на турска територија. Воедно, тој и натаму секојдневно врши притисок врз европските земји да ја исполнат обврската за давање на ветената помош од три милијарди евра за покривање на трошоците на сириските бегалци, заканувајќи се дека Стариот континент повторно може да зафатен од бран бегалци како во 2016 година. Дека нешто се случува говорат и податоците на надлежните агенции за тоа дека постојано се зголемува бројот на бегалци на грчките острови и на нејзиното копно.

Улогата на Израел, Иран и Ирак

Уште едно големо непознато внатрешно прашање е улогата на Иран, Ирак и Израел во Сирија. Иран заедно со руските сили им помагаат на сириските безбедносни сили во воспоставување на контролата врз целата територија. Израел од време навреме со авиони и ракети ги напаѓа иранските позиции во Сирија. Непомирливите непријатели Израел и Иран, кои секојдневнио си праќаат вербални закани преку своите лидери, засега воено се пресметуваат само на сириско тло.

Улогата на Ирак, пак, засега е само давање логистичка и разузнавачка поддршка за американските војници.

На внатрешен план, во Сирија сега повторно се разгорува прашањето за уредувањето на земјата во поствоениот период. На многу меѓународни средби, особено од Астана форматот, сириската опозиција и властите, со посредништво на големите сили, разговараат за новиот сириски Устав.

Разликите се уште се многу големи, но битно е дека редовно се разговара. И претседателот Асад постојано повторува дека за иднината на Сирија на крајот ќе одлучи сирискиот народ, а не некој однадвор.

Второто битно внатрешно-политичко и економско прашање е контролата врз нафтените наоѓалишта. По протерувањето оттаму на џихадистите на Исламска држава, сега сириските власти отворено ја бараат контролата врз своите наоѓалишта, обвинувајќи ги американските сили дека го контролираат вадењето на сириската нафта и дека истата ја продаваат на Турција.

Убиството на лидерот и крахот на Исламска држава

По мноштвото неуспешни обиди за негова елиминација во минатото, кон крајот на октомври американските специјални сили конечно потврдија дека го убиле лидерот на Исламска држава Абу Бакр Ал-Багдади. Ирачката разузнавачка подршка била клучна за ликвидирањето на лидерот на Исламска држава, потврдија светските агенции. Неколку дена подоцна беше убиен и неговиот воен портпарол, роднина и нов лидер на оваа терористичка организација Абу Хасан ал-Мухаџир.

Со тоа привремено, се чини, се намали силата на оваа организација која неколку години палеше и гасеше во регионот на Сирија и Ирак, иако воените аналитичари се почесто деновиве наведуваат дека таа ја загуби силата, но не е мината опасноста од нејзино прегрупирање и воскреснување во следниот период.

МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку пет ракети истрелани од Ирак кон американската воена база во Сирија

По масакрот во Москва, Исламската држава се врти кон Европа и Америка

ВИДЕО: Експлозија на пазар во Сирија, најмалку седуммина мртви и 30 повредени

Израел нападна сириски град, 38 загинати

ИСИС-К планира уште еден терористички напад во следните шест месеци

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск