Иран одлучно ќе одговори на секоја грешка што во Перискиот залив ќе ја направат САД, објави денеска морнарицата на иранската Револуционерна гарда на својата интернет страница „Сепах њуз“.
Британските медиуми потсетуваат дека американската армија во средата информира дека 11 бродови на морнарицата на Револуционерната гарда во една ситуација во Заливот опасно се доближиле до американските морнарички бродови и крајбрежна стража, нарекувајќи го потегот „опасен и провокативен“.
„Ние ги советуваме Американците да се придржуваат до меѓународните регулативи и поморските протоколи во Персискиот и Оманскиот залив и да се воздржат од какви било авантури и невистинити и лажни приказни“, се наведува во соопштението на Револуционерната гарда.
САД треба да бидат убедени дека морнарицата на Револуционерната гарда и силните вооружени сили на Исламската Република Иран ги сметаат сите опасни активности на странците во регионот како „закана за националната безбедност и црвената линија“, и секоја погрешна пресметка од страна на американската страна би довела до „одлучувачки одговор“, се наведува во соопштението.