Владата во Багдад им даде рок до петок на властите во ирачкиот автономен регион Курдистан да им предадат контрола врз двата меѓународни аеродроми во регионот, а во спротивно се закани дека ќе забрани нивно користење за сите авио-компании, освен за хуманитарните летови.
Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади изјави дека курдистанските власти мораат да ја предадат контролата врз меѓународните аеродроми во курдистанскиот регионален главен град Ербил и во Сулеманија, и тие да бидат ставени под централната власт во Багдад.
Ал Абади бара ирачките централни власти да преземат контрола и врз граничните премини меѓу Ирачки Курдистан и Иран и Турција.
Повикот доаѓа по референдумот во понеделникот, на кој мнозинството во Ирачки Курдистан гласаше за независност. Ирачката Влада одбива да го признае исходот од референдумот, а САД и Европската Унија изјавија дека се „разочарани“ од референдумот.