Илјадници жители на Газа се враќаат во разурнатите домови, примирјето се почитува

Од:

Првите конвои хуманитарна помош пристигнаа во Газа, неколку часа по стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинските милитанти. Илјадници Палестинци се вратија во разурантите домови. Официјални лица велат дека реконструкцијата на објектите може да трае со години.

Светската здравствена организација повика на создавање коридори за да може големиот број повредени да бидат евакуирани. Повеќе од 250 лица беа убиени во конфликтот кој траеше 11 дена. Повеќето од нив се жители на Газа.

И Израел и Хамас тврдат дека извојувале победа во конфликтот.

Во јужен Израел, жителите го прославија примирјето, но голем дел од нив стравуваат дека нови судир во регионот е многу извесен и оти е само прашање на време кога ќе се повторат насилствата.

Конвои со камиони од неколку агенции за помош, вклучително и оние на Обединетите нации, почнаа да носат лекови, храна и гориво во Газа, откако Израел повторно го отвори преминот Керем Шалом.

Повеќе од 100 илјади луѓе мораа да ги напуштат домовите на територијата која е под контрола на милитантната група Хамас, а скоро 800 илјади луѓе немаа пристап до вода, соопшти УНИЦЕФ.

Палестинските власти велат дека ќе бидат потребни десетици милиони долари за обнова на веќе сиромашната енклава, која сериозно страда и од Ковид-19.

СЗО побара итен пристап до Газа за да бидат доставени медицински материјали, но и персонал со оглед дека болниците на територијата се преплавнеи со повредени.

Борбите меѓу Израел и палестинските милитанти во Газа почнаа на 10 мај. Напнатост што кулминираше со судирите во џамијата Ал-Акса, во Источен Ерусалим.

Хамас почна да стрела ракети откако го предупреди Израел да се повлече од местото. Со тоа предизвика одмазднички воздушни напади.

Најмалку 248 лица, вклучувајќи над 100 жени и деца, беа убиени во Газа, според Министерството за здравство. Израел соопшти дека убил најмалку 225 милитанти за време на борбите. Хамас не соопштува бројки за загинати борци.

Во Израел беа убиени 13 лица, вклучувајќи две деца и еден израелски војник, соопшти медицинска служба.

Би можело да ве интересира

САД и Германија ги предупредија Израелците да не ја напаѓаат Рафа

Британците првпат со падобрани испорачаа помош во Газа, испратија порака и до Израел

Катерина Ѓуровски

Израел не дозволува конвои со храна да минуваат до северниот дел на Газа

Катерина Ѓуровски

САД предлага итен прекин на огнот во Газа

Блинкен во обид да договори примирје меѓу Хамас и Израел

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск