Илјадници Суданци и денеска побараа оставка од претседателот Омар Башир со протести во голем број населби во главниот град Картум, инфомираа активисти.
Стотици луѓе излегоа и на улиците во градот Атбара, северно од главниот град, и во градот Сенар во централен Судан.
Демонстрантите во Атбара извикуваа „Народот сака да го урне режимот“, кој беше главен слоган на бунтовите за време на Арапската пролет во 2010 и 2011 година.
Во градот Омдурман, близу Картум, демонстрантите извикуваа „Слобода, мир и правда“. Во овој град дојде и до судири меѓу полицијата и демонстрантите при што безбедносните сили употребија солзавец.
Во Картум се распоредени голем број безбедносни сили, особено во близина на џамиите, каде што протестите вообичаено почнуваат после петочните молитви.
Од 19 декември, целата земја е зафатена со бран протести. Првично, тие беа против зголемувањето на цените и кризата, но подоцна почнаа протести против режимот на Башир, кој е на власт од 1989 година.