Девет лица загинаа, најмалку илјада се повредени, а десетици илјади луѓе останаа без струја и вода во земјотресот од 6,4 степени според Рихтеровата скала, и серијата вторични потреси што го погодија синоќа југозападот на Јапонија.
Неколку големи јапонски компании како „Тојота“, „Сони“, „Хонда“ и „Бриџстоун“ го прекинаа производството во своите фабрики сместени на југозападот на земјата, пренесе Фена.
Над 130 послаби потреси се забележани во подрачјето околу градот Кумамота по првиот ударен потрес со интензитет од 6,4 степени по Рихтер.
Во потресите е оштетена сообраќајната и комуналната инфраструктура, урнати куќи, а илјадници луѓе ја поминаа ноќта на отворено стравувајќи од нови потреси на тлото.
Нуклеарните електрани кои се наоѓаат во регионот не се оштетени.
Според претставници, се намалува зачестеноста на помалите потреси, но зголемениот ризик од нов силен потрес ќе трае околу седум дена.
На островот Кјушу, место на посилни потреси во текот на ноќта, се наоѓаат бројни производни постројки, особено од автомобилската индустрија, индустријата на челик и бродоградежништвото.