Најверојатно пандемијата со Ковид-19 нема да ја преживеат голем број медиумски куќи, објави италијанскиот дневен весник „Манифесто“ во написот за драстичнмото намалување на бројот на вработени што го најавуваат сопствениците на „Ил Соле 24 оре“, „Радио Капитал“ и дневниот весник „Газета дел Мазоџорно“.
Новинарите на „Ил Соле 24 оре“, највлијателниот и најпродаван весник за економско-финансиски прашања, чиј издавач е здружение на индустријалци, ја разгледуваат можноста за десетдневен штрајк откако беше најавено намалување на вработените за 25 проценти. Исто така се разгледува и можноста за изгласување недоверба на актуелниот директор Фабио Тамбурини, а и да има и други форми на протест.
На удар на рестриктивните мерки се и „Радио Капитал“ и дневниот весник „Ла Република“, кој неодамна премина во сопственост на семејството Ањели, мнозински сопственик на автомобилската индустрија „Фиат“. Сопствениците најавија намалување на бројот на вработени за половина со цел да заштедат пари.
– Во најлоша ситуација е весникот на јужните покраини Базиликата и Пуља „Ла Газета дел Мазоџорно“ на кого му се заканува затворање по 133 години постоење. Издавачот на весникот „Едисуд“ најави банкрот, пишува „ Ил Манифесто“.
Весникот напоменува дека пред две недели штрајкуваа новинарите во италијанската новинска агенција АНСА откако беше најавено намалување на бројот на вработени за 24 отсто.