Жителите на Вухан ја дочекаа Новата година на улица, Европејците ги откажаа прославите: Како влезе светот во 2021 година?

Од:

Светот влезе во Новата 2021 година, со бројни ограничувања поради пандемијата предизвикана од коронавирусот. Иако традиционалниот огномет беше организиран во некои главни градови во присуство на луѓе, плоштадите и улиците претежно беа морничаво празни, бидејќи повеќето од собирите во светот беа забранети.

Жителите на островите Самоа и Кирибати, кои се наоѓаат во Тихиот океан, први ја дочекаа Новата година, во 11 часот по средноевропско време. Спектакуларен огномет беше организиран во Нов Зеланд и Сиднеј, потоа во Москва и Дубаи, но поради рестриктивните мерки против вирусот во повеќето од тие градови, имаше малку луѓе кои можеа да ги следат во живо.

Во 21 часот по средноевропско време, Новата година ја прослави Дубаи, каде повторно го имаше еден од најскапите огномети, кој овојпат траеше 7 минути.

Во согласност со епидемиолошките мерки, властите овозможија собири, така што присуствуваа бројни граѓани.

За разлика од Дубаи и некои други светски градови, новогодишната ноќ во европските метрополи изгледаше сосема поинаку поради пандемијата. Во Атина над 10.000 полицајци патролираа по улиците, а грчките власти одлучија полицискиот час во оваа земја да трае од 10 часот навечер до 5 часот на 1 јануари.

Организираните прослави во Франција, Германија, Белгија, Финска и Велика Британија беа откажани. Во Франција, владата нареди значително полициско присуство во градските средини од 20 часот кога започна полицискиот час, а половина од метро-линиите во Париз беа откажани во текот на ноќта.

Сепак, имаше дочек во „виртуелниот свет“. Основачот на електронска музика, Жан Мишел Жар, одржа виртуелен концерт во дигитализирана верзија на црквата Нотр Дам во Париз, а спектакуларен огномет се одржа во Версај.

Римјаните гледаа двочасовно свечено шоу на Интернет и на телевизија. Во Италија е на сила полициски час до 7 јануари.

Германија е во карантин до 10 јануари, а полицијата патролираше по улиците на новогодишната ноќ со цел да спречи масовни собири. Во Баварија е во сила забраната за излегување во текот на ноќта, а граѓаните можеа да излегуваат на балкон или во градината само на полноќ.

Во Москва, Новата година беше дочекана многу поскромно поради вирусоткорона, но огнометот го расветли небото во рускиот главен град на полноќ по локално време.

На Тајмс Сквер во Њујорк ја немаше вообичаената гужва за да одбројува секунди и да го следи спуштањето на топката што ќе означи крај на 2020 година, бидејќи полицијата ги отстрануваше луѓето и возилата што ќе застанеа во надеж дека ќе видат сјајна кристална топка како се спушта. Сепак, мал број луѓе го гледаа овој спектакл пред полицискиот кордон, за што оваа година беше издадена препорака од властите во Њујорк да се гледа на телевизија од дома.

Имаше бакнежи и здравици, но полицијата набрзо ги отстрани присутните. На сцената пред која беа претежно полицајците, во последните минути пред полноќ, Џенифер Лопез ја испеа песната на Аеросмит „Dream On“ под експлозија на конфети.

Бразилците ја дочекаа 2021 година со огномет, што го гледаа главно од дома. Иако плажите беа затворени, а градскиот сообраќај беше намален, имаше неколку стотици маскирани лица на познатата плажа Копакабана во Рио, каде до два милиони посетители го гледаа новогодишниот огномет во претходните години.

Другата страна на бразилскиот пречек е сликата од одделот за интензивна нега во близина на Сао Паоло, каде лекарите кои се грижат за пациенти со Ковид-19, одржаа минута молчење на полноќ, на збогувањето со старата година, а потоа им ја честитаа на своите пациенти со маски и заштитна опрема доаѓањето на Новата 2021 година.

Во Сиднеј, најголемиот град во Австралија, славниот новогодишен огномет се одржа над мостот на Заливот, но скоро без гледачи по неодамнешното појавување на ново жариште на 150 случаи на северот на градот.

Претходните години, милион луѓе се собираа во пристаништето на Сиднеј. Овојпат локациите се оградени, популарните паркови се затворени, а познатите ноќни клубови се морничаво празни. Присутни беа голем број полицајци.

Поголемиот дел од населението на Јапонија ја дочека 2021 година во кругот на семејството, во нивните домови, а градоначалникот на Токио ги замоли граѓаните да ги прескокнат церемониите. Мнозинството од нив. ги почитуваше овие препораки.

– Вирусоткорона не познава годишни или новогодишни празници – рече градоначалникот.

Јужнокорејската влада забрани приватни собири за повеќе од пет лица и ги затвори скијачките центри и главните туристички дестинации до 3 јануари.

Претходно, Нова година ја дочека и Нов Зеланд. Граѓаните влегоа во 2021 година со прекрасен огномет и светлосни ефекти од пристанишниот мост во Окланд.

Нов Зеланд слави на вообичаен начин, бидејќи таа земја се избори со коронавирусот, па луѓето се многу порелаксирани и им е дозволено да организираат собири.

Голем број граѓани на Вухан, кинескиот град каде минатата година започна пандемијата на коронавирусот, поради што речиси целиот свет беше „заклучен“ за новогодишната ноќ, излегоа на улиците да го прослават доаѓањето на Новата година.

Според традицијата, стотици луѓе се собраа пред старата зграда на царината, едно од најпопуларните места за прослава на Новата година во градот. Кога стариот часовник на зградата покажа полноќ, многу луѓе пуштија балони во воздухот и посакаа среќна Нова година.

Би можело да ве интересира

Можно примерје ако Израел ги прифати условите на Хамас

А1он

Четири лица загинаа во ураганот што го погоди југот на Русија

Хашкиот суд издаде налог за апсење на Путин

Горан Наумовски

Принципи за мир – нова рамка за решавање на судирите низ светот

Ана Ололовска

ОН: Пет милиони деца починаа во 2021 година пред нивниот петти роденден

Ана Ололовска

Исчезнувањето на инсектите кои опрашуваат е причина за половина милион смртни случаи годишно

Ана Ололовска