Градоначалник ја прекина поделбата поради јазици во мешан романски град

Од:

ЕУ Обсервер

Романскиот град Сфанту Георге планира да го премости јазичниот јаз меѓу говорителите на унгарски и романски јазик со пионерска програма за поттикнување на меѓусебно учење на јазиците.

Сместен во историскиот регион Трансилванија, во централна Романија, мнозинството жители на градот се Унгарци.

Според пописот во 2011 година, 41.233 (74 проценти) од 56.006 жители на градот се декларирале како етнички Унгарци, 11.807 (21 процент) како Романци, а останатите граѓани припаѓаат на други етникуми.

Антал Арпад, градоначалникот на Сфанту Георге, изјави за време на неодамнешната прес-конференција дека градското собрание ќе додели 1.000 стипендии во вредност од по околу 200 евра на Романци и Унгарци кои сакаат да учествуваат во програмата за учење јазик.

Зборувајќи за ЕУобсервер, Арпад рече дека идејата за програма за учење јазик, која ќе помогне да се стави крај на комуникациската бариера што постои во Сфанту Георге, започнала да се оформува неколку години наназад, по локалниот натпревар за есеи.

„Победниците од тој натпревар беа одведени во посета на Букурешт за да ја видат зградата на Парламентот. Во автобусот децата од истото училиште, од истиот град, некои зборуваа романски, а други унгарски, мораа да комуницираат на англиски јазик со цел да се разберат едни со други. Тоа ме поттикна да смислам решение “.

Градоначалникот рече дека локалниот огранок на Универзитетот Бабеш-Бојој ќе биде домаќин на часовите по јазик кои се наменети и за студентите и за луѓето кои се враќаат во градот по завршувањето на студиите во други градови или земји.

Студентите ќе полагаат тест на почетокот и на крајот од програмата. Финансиската поддршка од градското собрание на Сфанту Георге ќе биде условена со работа кон подобрување на јазичните вештини, објасни Арпад.

„Не можеме да си дозволиме да ги фрламе парите. Студентите ќе мора да напредуваат барем за едно ниво во владеењето на нивниот јазик за да имаат корист од стипендијата“.

Настава на романски јазик за етнички Унгарци и унгарски за етнички Романци ќе ја зближи заедницата и ќе оствари економски придобивки, се надева градоначалникот Антал Арпад.

„Сретнав многу романски и унгарски говорници кои имаат проблем да најдат работа во овој регион, во областа Секлерланд, затоа што не можат да го зборуваат јазикот на другите. Ова е особено точно кога барате работа во услужниот сектор и во преноќишта. Ова е исто така проблем особено кај младите и студентите кои се враќаат во градот и верувам дека оваа програма ќе има многу позитивно влијание врз локалната економија “.

Програмата за стипендии од еден милион романски леу (205,000 €) се очекува да започне со регистрација на почетокот на април откако ќе биде одобрен локалниот буџет.

Финскиот пример

Градоначалникот за ЕУобсервер го раскажа искуството што го имал при посетата на Финска.

Во Финска, официјални јазици се финскиот и шведскиот јазик, а вториот е мајчин јазик на околу 5,2 проценти од населението.

„Се сеќавам дека прашував некој таму што ги мотивирало да ја имаат двојазичноста толку добро вградена во локалните работи. Таа личност одговори дека тоа воопшто не им пречи, туку напротив им помага многу на Швеѓаните“

Според Арпад, вестта за стартувањето на програмата имала позитивен прием во заедницата бидејќи многу луѓе ги гледаат придобивките од учењето друг странски јазик.

Официјални лица од другите мултиетнички градови во Трансилванија исто така реагираа позитивно на иницијативата на Арпад.

Зборувајќи за ЕУобсервер, Иштван Вакар, потпретседател на окружниот совет во Клуж ја пофали иницијативата на Арпад. Вакар рече дека на ниво на округ постои јазична програма спроведена од библиотеката во округот Клуж, но насочена само кон предавање унгарски на романски говорители, но не и обратно.

Програмата е во функција веќе неколку години и ужива позитивен одговор од заедницата, според Вакар.

Округот Клуж има 16 проценти унгарско етничко население и 80 проценти етнички Романци.

Друг претставник од регионот, Чаба Борболи, претседател на регионалниот совет Харгита, за ЕУобсервер изјави дека „важно е студентите кои припаѓаат на унгарското малцинство да учат романски“.

Тој исто така рече дека секоја година, Советот на округот Харгита финансира невладини организации кои одржуваат програми и јазични кампови кои предаваат романски и унгарски јазик преку посебни методи за одредени групи и млади.

Одделно од поздравената иницијатива за учење јазик, градоначалникот Арпад наиде на контроверзии минатата година, откако во центарот на градот Сфанту Георге вееше само унгарско знаме, без романското знаме како што е предвидено со закон. Тој беше казнет со 10.000 романски леу.

Би можело да ве интересира

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Притвор за политичарот од Романија кој силувал малолетничка, дете на негова колешка

Романскиот претседател Клаус Јоханис ја објави својата кандидатура за шеф на НАТО

Земјотрес ја погоди Романија

Голем хакерски напад во Романија, над 100 здравствени установи останаа без интернет

Во Романија: Момче сакало да ги убие соучениците

Горан Наумовски