Голем шумски пожар во Берлин при експлозија во складиште за полициско оружје

Од:

Пожар изби утринава во Берлин, по неколку експлозии на полицискиот полигон за уништување и складирање експлозивни направи, а потоа се прошири на околната шума Груневалд на југозападниот дел од градот.

– Пожарот се прошири на површина од еден и пол хектар. И понатаму не е под контрола, изјави портпаролот на берлинската противпожарна служба.

Гаснењето на пожарот го спречуваат и други експлозии, предизвикани од него.

Пожарникарите сведочат за големи метални предмети што паѓаат во околната шума, по секоја експлозија.

Засега не е познато што ја предизвикало првата експлозија на полигонот.

Полицијата на ова подрачје среде шумата Груневалд складира и уништува експлозиви и пиротехнички средства.

„Ситуацијата е непрегледна, пожарот и понатаму не е под контрола и затоа ги предупредуваме граѓаните да го избегнуваат ова подрачје“, соопшти противпожарната служба.

Берлинскиот Сенат, владата на федералната покраина Берлин, изрази загриженост затоа што пожарот поради долготрајна суша и сува вегетација може брзо да се прошири.

На новинарско прашање, околу постоењето полигон за уништување експлозивни средства среде шума, портпаролот на Сенатот одговори дека со тоа прашање ќе се позанимава „откако пожарот ќе биде изгаснат“.

Поради пожарот, прекинат е железничкиот и патниот сообраќај на важни патни правци од југозападниот дел кон центарот на Берлин.

Изминатите денови во Берлин и околината се забележани невообичаено високи температури. За денеска се најавени 38 степени.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени