Годината кога новозеландската премиерка со љубов одговори на омразата и исламофобијата

Од:

На 21 декември на Нов Зеланд стапи во сила Законот со кој се забранува поседување автоматско и полуавтоматско оружје, донесен по масакрот во Крајсчрч во март оваа година, кога маж уби 51 лице во две џамии. Верски мотивираниот напад го потресе светот, но она што воодушеви беше реакцијата на премиерката Џасинда Ардерн.

На 15 март, Тарант влезе во џамијата „Ал нор“ околу 13:30 по локално време, кога се одржуваше попладневната муслиманска молитва и отвори оган кон верниците. Тој испука повеќе од 100 куршуми, само во џамијата. Со себе имал најмалку шест пушки. Напаѓачот потоа се возел седум минути до следната џамија во предградието Линвуд, каде што продолжи со масакрот.

„Луѓето бегаа, вратите беа затворени, а тој ги бркаше. Знаев дека немам шанси. Се сокрив под една клупа. Се правев дека не дишам. Менуваше муниција седум пати”, рече Фарид Ахмед, еден од преживеаните во терористичкиот напад.

Триесет и шест минути по првата дојава за нападот, Тарант е уапсен во возило каде што, според полицијата, имало импровизирани експлозивни направи. Тој израснал во Графтон, мал град во Нов Јужен Велс во Австралија. Тарант учел во локалното училиште, а потоа работел како тренер во локалната теретана од 2009 до 2011 година. Полицијата објави дека на неговото оружје имало нацистички и расистички симболи, како и имиња на српски и унгарски историски личности кои се бореле против Турците, а во акција тргнал слушајќи песна која го величи военот злосторник од БиХ, Радован Караџиќ. Во манифестот на 73 страници тој објаснува зошто се одлучил да ги нападне токму луѓето во џамиите. Тарант во манифестот мигрантите кои немаат бела боја на кожата ги нарече натрапници и „освојувачи“. Прво планирал да ја нападне џамијата во Дунедин, но се одлучил за овие две џамии бидејќи во нив, според него, има „многу повеќе натрапници“.

„Нападот во Нов Зеланд ќе го сврти вниманието на вистинскиот напад врз нашата цивилизација, дека ниту едно место во светот веќе не е безбедно, оти освојувачите се населија на сите наши земји, дури и на најоддалечените делови и оти нема каде веќе да се отиде“, напиша Тарант.

И согласно барањето на новозеландската премиерка, потоа тој, во стилот на ликот од Хари Потер, лорд Волдермот, стана „оној чие име не се споменува“.

Само неколку часа по нападот, премиерката Џасинда Ардерн свика прес конференција, на која го постави тонот за земјата погодена од тага. Триесет и осумгодишната премиерка беше тестирана како ретко кој лидер на Нов Зеланд, предводејќи ја земјата додека се справува со најлошиот терористички напад во модерната историја на нацијата. Некогаш мирната нација е во длабок шок. Гласот на Ардерн трепереше додека зборуваше, но нејзината порака за единство и сочувство беше непоколеблива.

-Ти можеби нè избра нас, рече Ардерн, обраќајќи му се на убиецот, со лутина во нејзиниот глас, но, ние целосно го отфрламе тоа и го осудуваме.

Веќе во саботата наутро таа беше на терен во Крајстчрч со повеќето нејзини владини министри и опозициски лидери. Со црна шамија, украсена со злато, премиерката се сретна со членовите на муслиманската заедница погодена од трагедијата. Таа ги држеше во прегратка додека тие липаа, шепотејќи зборови со сочувство и притискајќи го својот образ кон нив.

Одејќи рака под рака со засегнатите, фокусот на Ардерн беше на тагување и сочувство со погодената заедница. Силата на Ардерн беше нејзината емпатија и таа брилираше во оваа арена за време на криза. Таа постојано зборуваше за потребата да се спречи ширењето на говорот на омраза и насилствата на социјалните мрежи веднаш по нападите. Веб-страниците што дозволија видеото од масакрот да се споделува за неа се „издавачи, а не само поштари. Не може да има само профит, без одговорност.”

Првата петочна молитва (џума намаз) во Нов Зеланд по терористичкиот напад беше одбележана и со емитување на езанот (повик за молитва) во живо на државните медиуми Радио „Нов Зеланд“ и Телевизија „Нов Зеланд“. Откако преку јавните емитери е емитуван езанот за петочната молитва, во целата земја беше одржано двеминутно молчање, во знак на почит кон убиените.

Ардерн присуствуваше на петочната молитва во паркот „Хагли“ во Крајстчрч. Таа во кусото обраќање пред петочната молитва, во кое го цитираше пророкот Мухамед, порача дека сите верници се како едно тело.

„Божјиот пратеник Мухамед има кажано: ‘Верниците едни на други си укажуваат почитување, сочувство и симпатии и тие се како едно тело. Ако еден дел од телото боледува, и другите делови му се придружуваат во болката’. Нов Зеланд е со вас. Во жалоста ние сме едно“, порача премиерката Ардерн.

Алаби Латиф Зирулах, имам во џамијата „Линвуд“, го кажа езанот (повикот за молитва), а хутбата (предавање кое се одржува во рамки на петочната молитва) ја одржа имамот од џамијата „Ал Нур“, Џамал Фуд, заблагодарувајќи ѝ се на премиерката и на Владата на Нов Зеланд и на сите граѓани за искажаната поддршка. Нагласувајќи дека тероризмот нема боја, вера или нација, тој рече дека по терористичкиот напад се покажало дека Нов Зеланд е непобедлив.

– Светот кај нас може да види пример на љубов и единство. Срцето ни е скршено, но не сме поразени, истакна Фуд.

Подоцна, говорејќи во Парламентот, Ардерн ја почна сесијата за оддавање почит на арапски: „Селам алејкум”, рече таа. „Мир во тебе”.

– Тој е терорист, тој е криминалец, тој е екстремист, но кога јас ќе зборувам, тој ќе биде безимен. Ве преколнувам, изговарајте ги имињата на оние чии животи се изгубени, а не името на човекот кој ги зеде тие животи, изјави таа за време на обраќањето во Парламентот, кој им оддаде почит на убиените во Крајстчрч. Таа оцени дека напаѓачот, со својот терористички чин, сакал да стане познат.

– Поради тоа никогаш нема да ме чуете да го спомнам неговото име, изјави Ардерн.

На импровизираниот споменик во паркот Хагли, каде што хартиени синџири ги красат дрвјата, неколку дена по нападот жителите на Крајстчрч едногласно го пофалија „мирниот, сочувствителен” одговор на Ардерн на масакрот.

Муслиманските лидери велат дека нејзиното раководство ја обединило заедницата и ги натерало да се чувствуваат дека Нов Зеланд е и секогаш ќе биде нивниот дом.

-За мене, како жител на Крајстчрч, ова е полошо од земјотресите, вели еден човек. -И мислам дека таа го чувствува тоа, се гледа дека таа длабоко сочувствува.

Ценејќи според медиумските извештаи и коментарите на социјалните мрежи, нејзиното водство во тие тешки моменти го воодушеви светот. „Џасинда Ардерн зрачи со водство по масакрот во Чрчтаун“, оцени Ројтерс. „Џасинда Ардерн го редефинира водството во време на тероризам“, објави порталот Вомен ин ворлд. „Џасинда Ардерн само што потврди дека типичното ‘женско’ однесување е моќно“, напиша Сиднеј Морнинг Хералд. „Џасинда Ардерн и ожалостените се собраа со песна“, пренесе Лондон тајмс. Британските медиуми посочија дека таа на теророт одговорила мирно, сочувствително и одлучно. Таа веднаш најстрашното масовно убиство во време на мир на Нов Зеланд го нарече тероризам и се обиде да ја охрабри нацијата, која досега главно не била погодена од насилства и стравови како што беа други западни земји во последните две децении. Еден ден по нападите поведе повеќепартиска делегација во посета на семејствата на убиените и кај претставниците на муслиманската заедница. Носејќи црна шамија, односно хиџаб во знак на почит кон ожалостените муслимани, ги прегрнуваше членовите на
семејствата, ги слушаше и нудеше утеха.

– Премиерката дојде со шамија, а тоа беше важно за нас, изјави Далија Мохамед.

Сепак, она што е најважно, како што оцени Си-ен-ен, таа веднаш најави политички одговор на масакрот – построга регулација на огненото оружје, односно забрана на полуавтоматските пушки.

Посветеноста на Ардерн за реформирање на законите за оружје на Нов Зеланд, исто така, предизвика пофалби. Таа упати недвосмислена порака.

„Забраната за сето полуавтоматско оружје од воен тип важи веднаш. Ги забрануваме исто така и јуришните пушки“, изјави новозеландската премиерка. Ардерн претходно порача дека по забраната ќе уследи и реформа на законот за носење оружје која ќе биде објавена во рок од 10 дена по нападот врз двете џамии во Крајстчрч. „Историјата ни се промени засекогаш. Сега ќе се променат и законите“, рече премиерката.

Досега се уништени повеќе од 50.000 парчиња оружје во центрите низ целата земја, меѓутоа некои сопственици се противат на одлуката. Инаку, на Нов Зеланд на четири лица припаѓа едно парче оружје, а полицијата соопшти дека нема прецизни податоци колку точно оружје е во приватна сопственост.

МИА

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес го погоди Нов Зеланд

(ВИДЕО) Шок пред отворањето на женското СП во Нов Зеланд: Двајца мртви и шест повредени

(ВИДЕО) Маж од Нов Зеланд упадна во кинески ресторани, па со секира и чекан ги нападна гостите

Земјотрес во Нов Зеланд со јачина од 6,2 степени

Ана Ололовска

Новозеланѓаните кои живеат во Австралија четири или повеќе години ќе можат да аплицираат за државјанство

Ана Ололовска

11 лица загинаа во невремето „Габриел“ во Нов Зеланд

Горан Наумовски