Германски експерт: Карантинот не е решение, владите да не подлегнуваат на масовната хистерија

Од:

Најпознатиот германски виролог, Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија на Универзитетот во Бон, остро се спротивстави на враќањето во карантинот како решение за новиот удар на пандемијата на коронавирусот со кој се соочува голем дел од светот.

Угледниот стручњак им понуди совет на сите земји што почнале со воведување мерки на карантин и полициски часови: „Смирете се, не подлегнувајте на општата масовна хистерија!“

„Време е да се стави крај на целата оваа возбуда. Вирусот можеме да го надмудриме користејќи го нашето знаење. Мораме да сфатиме дека Ковид-19 ќе биде со нас многу долго и мора да научиме да живееме со него. Не можеме да продолжиме да го прекинуваме нашиот нормален живот и да парализираме сè,“ истакна Штрек.

Експертот, инаку, ги поддржа првите мерки за воведување карантин во Германија, кога доаѓаа шокантни прелиминарни податоци од Италија, а научниците само што почнаа да се справуваат со новиот вирус. Во такви услови, принципот на претпазливост диктираше драконски потези. Но, ситуацијата се смени во наредните месеци, вели Штрек.

„Убеден сум дека промените во однесувањето на луѓето имаа силно влијание врз заразата. Луѓето сега се заразуваат со помали дози на вирусот поради почитување на социјалното растојание, па затоа клиничките слики се поблаги. Подобра хигиена и мерки, како носење маски, влијаеја на намалување на дозите на вирусот,“ смета вирологот.

Тој објаснува дека, при следење на развојот на една епидемија, не е доволно само да се набљудува бројот на нови случаи на инфекција, туку и да се следат податоците од болничките единици за интензивна нега. Штрек вели дека сега е јасно дека големите собири во затворено го забрзуваат ширењето на заразата. А дека одењето во продавница или на фризер е ризик со кој може да се управува.

Штрек предлага „систем на семафори“, односно воведување на локализирани мерки во зависност каде ситуацијата се влошува, односно кои области се наоѓаат во зелена, жолта или црвена зона. Боите во тој систем би покажувале пополнетост на болничките капацитети.

Германскиот експерт заклучува дека државните власти не можат да погрешат во борбата против пандемијата сè додека се потпираат на здравиот разум и на деталните анализи за тоа што претставува најмало зло.

Клатното во овој момент, вели тој, отишло предалеку на страната на „ковид неврозата“, што ги редуцира клучните програми на ОН за борба против ХИВ и гладот, што може да доведе до голем број смртни случаи.

Би можело да ве интересира

Бајден: САД ќе донираат уште 500 милиони дози вакцини низ светот

А1он

Во Албанија анти-ковид мерките остануваат и понатаму во сила

А1он

Словенците преговараат со „Новартис“ за производство на вакцини против Ковид-19

А1он

Во Истанбул вакцинирани 84 отсто од населението против Ковид-19

А1он

Нови правила за невакцинирани работници во Германија – нема плата за време на карантин

А1он

СЗО регистрира пад на новите случаи на Ковид-19 во светот