Германија: И Фејсбук во кампањата за одвраќање на имигрантите

Од:

Танјуг – Белград 

Германската сојузна служба за бегалци и миграции сака и преку социјалната мрежа Фејсбук да ги заплаши луѓето од западен Балкан, односно со кампања да ги одврати од намера да одат во Германија и таму да бараат азил.

Оваа служба една недела за корисниците на Фејсбук од балканскиот регион ќе објавува тематски содржини за минималните шанси за добивање на статус на азилант во Германија, што како што се проценува, треба да влијае за намалување на бројот на барањата за азил.

– Барањата за азил од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Македонија и Црна Гора, речиси немаат никакви шанси да бидат одобрени во Германија. Ние одбиваме 99,8 отсто барања за азил од овие земји, изјави шефот на Сојузната служба за миграции и бегалци Манфред Шмит.

Во борбата против лавина бегалци, германската држава користи и други технички достигнувања, па така Министерството за внатрешни работи објави видео запис од неколку минути каде азилантите од балканските земји се советуваат да не доаѓаат во Германија.

Во дебата за тоа како Германија да се заштити од напливот на азиланти, посебно од Балканот, чии барања во 100 отсто случаи се одбиваат, Сојузната служба за миграции и азиланти најави дека 94.000 луѓе ќе бидат вратени на Балканот и дека потоа ќе им биде забранет влез во Германија.

Германија, освен видео записот од Министерството за внатрешн работи, се обидува и со огласи во шест најчитани весници во Албанија да го спречи бранот азиланти од оваа балканска земја и да ги предупреди дека во Германија не можат да добијат азил од економски причини.

– Само тој кој може да докаже дека е прогонуван во својата земја, има право на заштита и престој во Германија, се вели во еден текст, упатен до Албанците кои бараат азил во Германија и се истакнува дека не постои економски азил.

Се предупредува дека одбиените азиланти мора да се вратат во својата земја и дека тие кои нема да се вратат доброволно ќе бидат депортирани, а по правило ќе добијат повеќегодишна забрана за влез во Германија и другите земји на Шенгенскиот договор.

Германските политичари бараат и повторно воведување на визниот режим за балканските земји, како и привремена суспензија на Шенгенскиот договор, т.е. повторна гранична контрола, за да се спречи или намали бранот од бегалци пред се од западен Балкан.

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис