Германците одлучуваат кој ќе биде наследник на Ангела Меркел

Од:

Околу 60,4 милиони Германци денеска го избираат идниот состав на парламентот и индиректно идниот канцелар, кој по 16 години владеење ќе ја наследи Ангела Меркел. Гласачките места се отворени.

Федералната изборна комисија ја одобри кандидатурата на вкупно 54 партии, но на изборите излегуваат 47 партии. Се натпреваруваат 6.211 кандидати, од кои 2.024 се жени.

Се очекува главната борба да ја водат конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција, и опозициските Зелени. Тие три партии се единствените кои, надевајќи се на победа, официјално предложија свои кандидати за канцелар.

Армин Лашет (ЦДУ/ЦСУ)

Армин Лашет (60) е лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на се уште актуелната канцеларка Ангела Меркел и премиер на индустриската провинција Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во Германија. Побожен католик, син на рудар, кој подоцна станал учител, и пораснал во близина на белгиско-холандската граница, каде што живее и денес. Откако студирал право, се запишал на новинарство и извесно време работел како новинар. Тој беше избран за пратеник во Бундестагот во 1994 година, а во 1999 година за член на Европскиот парламент.

Олаф Шолц (СПД)

Олаф Шолц (63), заменик на Ангела Меркел и германски министер за финансии, е кандидат на Социјалдемократската партија за канцелар во Германија, а анкетите му даваат предност во оваа трка. Пораснал во Хамбург, градот во кој беше градоначалник од 2011 до 2018 година. Неговите поддржувачи тврдат дека тој е одговорен за изградбата и напредокот на градот и дека е човек кој секогаш има план. Ја изгради својата кариера како адвокат, посветена на работничките права и синдикалната поддршка. Тој беше член на Бундестагот од 1998 до 2011 година.

Аналена Бербок (Зелени)

Аналена Бербок, единствената жена во трката за наследник на Ангела Меркел, е првата кандидатка на Зелените за канцелар. Четириесет годишната Баербок доаѓа од село во близина на градот Хановер, студирала право и политика во Хамбург и Лондон и работела за Зелените во Европскиот парламент. Како девојче, нејзините родители често ја носеле на протести против нуклеарното оружје, и според неа, таа првично сакала да биде воена репортерка. На почетокот на годинава, според анкетите, имаше добра поддршка, но нејзината репутација беше разнишана кога е обвинета за плагијат и лажење во нејзината биографија.

Покрај нив, во Бундестагот најверојатно ќе влезат и партии кои и сега имаат пратеници – Либералите (ФДП), крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и партијата Левица.

Аналитичарите и даваат одредени шанси и на партијата Слободни избирачи, која на изборите фигурира како мала, иако има пратеници во парламентите на неколку германски федерални провинции, а во Баварија учествува и во покраинската влада.

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени