Генералното собрание на ОН синоќа усвои резолуција, која ја предложи Украина, против милитаризација на Крим и Азовското и Црното Море.
Во документот се наведува дека присуството на руската армија на Крим е во спротивност со националниот суверенитет, политичката независност и територијалниот интегритет на Украина.
Покрај тоа, Русија се осудува поради изградбата на мост преку Керченскиот Теснец.
Резолуцијата ја поддржаа 66 земји, 19 беа против, а 72 беа воздржани.
Руското Министерство за одбрана вчера на Крим распореди повеќе од 10 авиони СУ-27 и СУ-30. Авионите се испратени откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека Украина повторно подготвува провокации.
Авионите се распоредени во воената база Белбек на Крим и таму ќе бидат трајно стационирани.
– Украинскиот претседател Петро Порошенко планира оружена провокација на границата со Русија, на границата со Крим, во текот на последните десет дена од декември, истакна Лавров.
Тој додаде дека Русија ќе и одговори на Украина доколку дојде до провокации.
– Ќе зажалат за тоа. Ова е наша држава, наша граница. Нема да му дозволиме да ги брани своите интереси на начин доследен за него и да ги прекрши тие права, рече Лавров, додавајќи оти Порошенко „планира провокација во координација со своите западни спонзори“.
Народната милиција на самопрогласената Луганска Народна Република тврди дека украинските безбедносни сили распоредиле лансирни ракетни системи „Град“ на контакт линијата, а на железничката станица Рубежно пристигна ешалон од пешадиски борбени возила, автомобили и оклопни возила.
Русија го анектира Крим од Украина во 2014 година, а тензиите се зголемија откако Русија заплени три украински бродови и го уапси нивниот екипаж.