Фон дер Лејн чека писмо од Европскиот Парламент за Трочањи и Плумб

Од:

Кандидатите за еврокомесари од Унгарија и Романија Ласло Трочањи и Рована Плумб беа по вторпат отфрлени од комисијата за правни работи на Европскиот Парламент. Претседателката Урсула фон дер Лејн сега чека официјално писмо од Парламентот за да одлучи кои ќе бидат следните чекори.

По конфузниот викенд околу процедурите во Европскиот Парламент, комисијата за правни прашања претпладнево повторно гласаше против кандидатурите на Унгарецот Ласло Трочањи и Романката Рована Плумб, потврдувајќи дека и двајцата се неподобни да ја извршуваат доделената функција поради конфликт на интереси.

Од Европската Комисија засега нема најава како ќе постапи назначената претседателка Урсула фон дер Лејн, дали ќе бара од владите во Будимпешта и Букурешт да понудат нови имиња или сепак ќе одлучи да оди против волјата на европратениците.

За потсетување, одлуката на комисијата за правни работи на ЕП, за тоа дали има или не конфликт на интереси, е предуслов за кандидатите за комесари воопшто да бидат сослушани од соодветните парламентарни комисии.

Според агендата на Европскиот Парламент, Ласло Трочањи треба да биде сослушан утре попладне.

Европската Комисија инсистира дека сѐ уште не добила писмо од претседателот на Европскиот Парламент со препораки за кандидатите. Според правилата на Европскиот Парламент, процедурата налага, по одлуката на правната комисија, да бидат формулирани препораки до претседателот на Европскиот Парламент, кој потоа испраќа писмо до претседателката на Европската Комисија. По што таа одлучува за следните чекори.

-Процедурално она што треба да биде направено сега е дека избраната претседателка очекува писмо од претседателот на Европскиот Парламент со одлуките на Парламентот во поглед на ова и кое содржи препораки за тоа како понатаму, врз основа на тоа претседателката ќе одлучи за следните чекори, изјави денеска Мина Андреева, портпаролка на Европската Комисија.

Според извори во Европскиот Парламент во овој момент комисијата за правни работи го пишува писмото кое треба да и биде врачено на Фон дер Лејн, а Андреева потврди дека јавноста ќе биде информирана штом пристигнат препораките.

Испрашувањата на кандидатите од страна на комисијата за правни работи пред официјалното сослушување е новитет во процедурите помеѓу двете институции, па оттука и конфузноста околу процедурите. Но, одредени европратеници сметаат дека Европската Комисија со ова врши притисок врз нивната независност и бараат во иднина да се разјасни процедурата за да не се повтори оваа епизода.

Фон дер Лејн има сега избор да го игнорира мислењето на пратениците, што може политички да ја стави во незгодна позиција. Другата опција е да инсистира на нови кандидати од овие две земји.

Трочањи веќе најави дека не се согласува со одлуката и дека ќе поднесе жалба, но нејасно е пред која институцијата може тоа да го стори.

Претседателката Фон дер Лејн има исто така можност да ги прераспореди портфолијата, со што Унгарија повеќе не би го добила ресорот проширување.

Би можело да ве интересира

Комитетот за надворешни работи на ЕП ќе расправа за Извештајот за земјава

Ана Ололовска

Марк Ангал е нов потпретседател на ЕП на местото на Ева Каили

А1он

Запленети околу 1,5 милиони евра во истрагата за корупција во Европарламентот

А1он

ЕП ја разреши потпретседателката Каили

А1он

Европскиот парламент почна процедура за смена на Каили која е уапсена поради корупција

Ана Ололовска

ЕП и ЕУ усвоија „Механизам за прилагодување на границите на јаглеродот“

Ана Ололовска