Евростат: Инфлацијата во ЕУ и еврозоната во ноември на рекордно ниво

Од:

Годишната стапка на инфлација во ЕУ и во еврозоната во ноември повторно нагло порасна, достигнувајќи рекордни нивоа, поддржана од растот на цените на енергенсите, покажа извештај на Евростат.

Годишната стапка на инфлација во ЕУ, мерена преку хармонизираниот индекс на потрошувачките цени, скокна на рекордни 5,2 отсто во ноември, од 4,4 отсто во октомври, објави Европската статистичка служба. Растот на потрошувачките цени, исто така, нагло забрза во еврозоната, на 4,9 отсто, исто достигнувајќи го највисокото ниво откако се собираат податоците, ја потврди Евростат проценката од крајот на ноември. Во октомври цените пораснале за 4,1 отсто. Во ноември минатата година цените во ЕУ пораснаа за 0,2 отсто, додека во еврозоната паднаа за 0,3 отсто. Рекордната стапка на инфлација во голема мера го одразува скокот на цените на енергенсите, за дури 27,5 отсто во областа на примената на заедничката европска валута, покажуваат податоците на Европскиот завод за статистика.

На инфлацијата значително влијаеше и скокот на цените од шест отсто во Германија, најголемата европска економија, делумно како одраз на нискиот репер во 2020 година кога владата привремено ја намали стапката на ДДВ во втората половина од годината за да ги поддржи трошоците за кризата со коронавирусот.

Годишната инфлација забрза во 26 земји-членки, а само во Чешка остана стабилна на 4,8 отсто, се вели во извештајот. Убедливо највисока годишна стапка на инфлација повторно имаше во Литванија во ноември, достигнувајќи 9,3 отсто. Најблиску до неа повторно беа Естонија и Унгарија, каде цените пораснаа за 8,6, односно 7,5 отсто. Цените минатиот месец беа најслабо пораснати во Малта со 2,4 отсто и во Португалија за 2,6 отсто, а потоа во Франција со стапка на инфлација од 3,4 отсто.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески