Европските лидери ги приближиле ставовите по мини-самитот за миграција

Лидерите кои учествуваа на неформалниот мини-самит посветен на миграцијата, порачаа дека успеале да ги приближат делумно ставовите, иако многу малку детали од разговорите изглегоа во јавност и ниеден конкретен предлог сѐ уште не е објавен.

-Треба да го подобриме внатрешното фунцкионирање, преку прагматичен пристап, а притоа да не ги негираме нашите принципи, тоа е консензусот од денешната средба, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон истакна дека главниот проблем за ЕУ денеска се „секундардните движења“, односно оние мигранти и бегалци кои се веќе во Шенген зоната, што им овозможува слободно да се движат од една земја во друга. Макрон порача дека ЕУ повеќе не се соочува со бегалски бран како оној од 2015 кога бегалците беа главно од Сирија и повеќето од нив имаа право на азил.

Проблемот сега се движењата од централен и источен Медитеран кои носат пред сѐ „економски мигранти“, кои немаат право на азил во ЕУ.

-Предизвикот е поврзан за политичкиот притисок на земјите членки и секундарните миграции и фактот што денеска не сме доволно ефикасни за да ги вратиме назад оние кои немаат право на азил. Но, да не се лажеме себеси, некои се обидуваат да ја инструментализираат ситуацијата во Европа за да создаваат тензии и да си подигруваат со стравовите, изјави францускиот претседател.

И најтврдите земји изразија задоволство по завршувањето на денешниот состанок.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте рече дека е „решително задоволен“, додека премиерот на Малта, Жозеф Мускат, со сличен тон побара во наредните денови да се преземат итни „оперативни акции“.

-Има луѓе во море во овој момент, и доколку не донесеме одлуки во наредните денови, ситуацијата ќе ескалира. Се приближивме денеска и тоа е знак дека има волја за оперативни промени, рече Мускат.

Моментално во Медитеранот уште еден брод, холандскиот “Лајфлајн“ кој пренесува 230 мигранти, не може да најде пристаниште, Италија и Малта му забранија пристап. Бродот, според документи објавени од италијанските власти, се наоѓа во малтешката зона за спасување, но Малта одбила да пружа помош освен итна. Италијанскиот министер за транспорт ја обвини на Фејсбук Малта за „нехуманост“ пред стартот на мини-самитот што се одржа вчера.

Сепак повеќето лидери излегоа од состанок навидум пооптимисти отколку на влегување, иако конечно решение сѐ уште не е најдено, ниту се обелоденува кои точно предлози биле на маса и кои преовладале.

Останува и фактот дека Унгарија и нејзините три сојузници, Полска, Чешка и Словачка, не присуствуваа на денешниот состанок, и сѐ земји кои силно се спротиставуваат на заеднички и солидарни решенија за миграциската криза. Нешто што иритира голем дел од земјите членки, особено оние кои се најизложени на притисок на своите граници.

Франција веќе предложи да се санкционираат земјите кои одбиваат да учествуваат во солидарните напори за распределување на мигрантскиот товар.

Италија на состанокот презентираше свој предлог кој исто така бара намалување на ЕУ фондовите за земјите кои одбиваат да го споделат товарот, стои во нацрт-документот објавен од повеќе медиуми.

-Секоја земја воспоставува влезни квоти за економски мигранти, ова е принцип кој мора да се почитува, а адекватни противмерки мора да се донесат за финансирање во однос на земјите кои одбиваат да прифатат мигранти, стои во италијанскиот документ презентиран синоќа на другите 15 земји членки присутни.