ЕУ бара од европските земји да избегнуваат различни пристапи во борбата против коронавирусот

Од:

Комесарката за здравство на Европската унија, Стела Киријакидес изјави дека е добро што соседните земји на Италија ги задржаа границите отворени по значителното зголемување на заразени луѓе со новиот коронавирус, истакнувајќи дека така ќе се избегне непропорционален одговор.

На заедничка прес конференција со министерот за здравство на Италија и директорот на Светската здравствена организација за Европа Ханс Клуге, таа оцени дека може да дојде до проблем доколку различни земји имаат поинакви пристапи и оти Европската комисија е подготвена да ги координира активностите.

Земјите на ЕУ треба да го координираат својот одговор на појава на коронавирусот за да се избегнат различни пристапи, рече Киријакидес. Таа додаде дека земјите не треба да паничат и оти ЕУ ќе издаде предупредувања за патувања.

– Сите земји треба да нè информираат за нивните планови за превенција. Треба да се избегнуваат различни пристапи низ ЕУ, рече таа.

Таа истакна дека е среќна поради иницијативата на хрватското претседателство со ЕУ да се продолжи со организирање на состаноци на министрите за здравство.

Киријакидес додаде дека е неопходно техничките контакти да бидат проследени со средби на политичко ниво.

– Сè на сè, веднаш по оваа средба, Комисијата ќе издаде низа инструкции за патниците кои одат или се враќаат од зони зафатени со инфекција со новиот коронавирус, рече Киријакидес.

Бројот на пациенти заразени со Ковид-19 се зголеми на 80.988 во 33 земји низ светот, изјави директорот на Светската здравствена организација за Европа Ханс Клуге и истакна дека не треба да се крева паника.

– Нема потреба од паника, рече Клуге на прес конференцијата во Рим.

Тој истакна дека стапката на смртност е околу два проценти, а сега околу еден процент во Кина каде се регистрирани 96,5 проценти од вкупниот број на случаи.

Клуге подвлече дека „мора да се има на ум оти четири од пет пациенти имаат благи симптоми и оздравуваат“.

По зголемувањето на бројот на заразени во Италија, ќе се зголеми соработката во борбата против вирусот, за да се обезбеди еднаква подготвеност на сите региони, рече Клуге.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски