По синоќешната средба во Анкара, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин одржаа прес-конференција, каде двајцата наведоа дека имаат усогласени ставови во однос на прашањата за легитимноста на референдумот за независност на Ирачки Курдистан, како и за условите за завршување на граѓанската војна во Сирија.
На средбата, што траеше повеќе од два часа, било утврдено дека се постигнати де факто услови за заврушување на граѓанската војна во Сирија.
Ердоган нагласи дека, референдумот за независност на Ирачки Курдистан е нелегитимен, и дека Москва и Анкара се согласни оти територијалните интегритети на Ирак и соседна Сирија мораат да бидат зачувани.
Исто така, турскиот претседател наведе дека е задоволен од политичкиот процес во Женева, за што и во иднина ќе продолжи да соработува во текот на целиот процес.
Тој истакна дека, курдистанската регионална Влада во Северен Ирак мора да биде спречена да направи „голема грешка“, посочувајќи дека Турција ќе продолжи блиско да соработува со Русија во однос на наложување на политичко решение за кризата во Сирија.
Ердоган истакна дека годинава петтипат се сретнува со Путин и дека е од голема важност зајакнувањето на билатералните односи меѓу двете земји.
– Даваме особено значење на соработката во енергетскиот сектор, особено при реализирањето на проектите за изградба на „ АЕЦ Акују“ и „Турски поток“, потенцираше Ердоган.
Путин наведе дека Москва планира првиот блок на „АЕЦ Акују“ во Турција да биде пуштен во употреба во скоро време.
– Се разбира, тоа бара од нас и нашите турски партнери координирани акции, вклучувајќи и навремено добивање на потребните дозволи, документи и лиценци, додаде тој.
И двајцата претседатели ветија дека и во иднина ќе продолжат да соработуваат за различни прашања за регионот, како и во однос на развој на економијата на двете земји.