Во експлозија во фабриката на јужнокорејската петрохемиска компанија Yeochun NCC (YNCC) во градот Јеосу загинаа четири лица, а четворица беа повредени, соопшти претставник на противпожарната станица во Јеосу.
Инцидентот во третата фабрика на YNCC во Јеосу се случи во време кога компаниите се подготвуваат за построги контроли според новиот јужнокорејски закон со кој се казнува раководството за инциденти кои вклучуваат смрт на работници.
„Во моментов третата фабрика не го прекина производството, а работат првата и втората фабрика, засега нема влијание врз производството“, рече на брифингот претставник на компанијата.
Министерството за труд е на терен да одлучи дали ќе го прекине производството или ќе го затвори погонот, а функционерот вели дека одлуката ќе ја донесе согласно административните мерки.
Несреќата се случила при тестирање за истекување во процесот на чистење, што е процедурално дејство кое се врши на секои четири години, додаде службеникот.