Најмалку две лица се убиени во експлозии и пукотници против антивладините демонстранти во Тајланд, соопштија тајландските власти.
Центарот за брза помош во Бангкок соопшти дека 21 лице е рането во нападите рано изутрината во главниот град.
Насилството избувна во близина на Споменикот на демократијата, каде демонстрантите ги поставија своите шатори.
По овие напади бројот на загинатите во политичките немири во Тајланд достигна најмалку 27 лица, а над 800 се ранети од ноември досега.
Кризата се продлабочи минатата недела, кога Уставниот суд го разреши премиерот Инглук Шинаватра поради злоупотреба на службената положба во случај, кој од многумина е оценет како политички мотивиран. Разрешени се и девет членови на владиниот кабинет.