Држави пред колапс, короната урива рекорди во Европа

Од:

Полициски часови, затворени кафулиња, економии пред колапс, преполни болници, откажување секаков вид настани се само дел од последиците од вториот, есенски бран на коронавирусот во европските држави.

Седумнаесет од 27 држави од ЕУ, како и Велика Британија, се обележани со црвена боја на европската карта за ограничување на движењето што ја објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Мапата треба да им помогне на земјите членки на ЕУ за координиран пристап при ограничувањето на слободното движење.

Белгија воведе полициски час во целата држава по вчерашните 10.448 нови случаи на заболени од Ковид – 19

„Водиме нерамноправна битка со овој вирус“, изјави премиерот на Белгија Александер де Кро, кој воведе полициски час во целата држава, ги затвори кафулињата и рестораните, а дозволи контакт со само едно лице надвор од домаќинството. Белгија прогласи „4 фаза“, односно највисок степен на тревога, поради вториот бран на коронавирусот. Прехранбените продавници ќе останат отворени, но се откажани сите традиционални божиќни прослави и манифестации на улиците.

Највисоката бројка на заразени кај нас е денеска, кога за 24 часа беа регистрирани 594 новозаболени, а рекорди во исто време уриваат и Албанија, Грција, Бугарија, Холандија, Белгија, Германија, Полска, Хрватска, Словенија, Италија, Англија, Франција… Вториот бран е јасно видлив на графиконите за бројот на дневно заразени во речиси сите земји, а мапите покажуваат и дека дневните бројки на новозаразени се значително поголеми од дневните бројки во првиот бран.

Полициски час во Франција, во Италија и Словенија се уриваат рекорди

Франција на 15 октомври регистрира 30.621 нов случај на коронавирус во земјата со што се искачи на врвот на листата по број на заразени во еден ден, во вториот бран во Европа. Во првиот бран на коронавирус во Франција најмногу заболени во еден ден биле регистрирани на 31 март кога имало 7578 нови случаи. Вкупниот број на заболени во оваа земја е 834.770, а починати се 33.303 лица.

Во државата од синоќа беше воведен полициски час, а за враќање на полицискиот час размислуваат и други земји.

Гувернерот на италијанскиот регион Кампанија најави дека на 31 октомври ноќта ќе воведе полициски час за да спречи групирање за празникот Ноќ на вештерките.

На 4 октомври во Обединетото Кралство биле регистрирани рекордни 22.961 нов случај

Високи бројки и оваа недела бележи и Обединетото Кралство. На 15 октомври се регистрирани 19724 нови случаи на коронавирус, а рекордот во вториот бран беше забележан на 4 октомври кога беа регистрирани 22.961 нов случај. Рекордната бројка на новозаразени во првиот бран била регистрирана на 31 март кога имало 7860 нови случаи во едно деноноќие.

Обединетото Кралство од почетокот на епидемијата има вкупно 689.267 заболени и 43.429 починати. Речиси четирипати повеќе заболени во еден ден отколку во првиот бран изминатава недела забележа и Белгија. Вчера се регистрирани 10.448 нови случаи, а најголемата бројка на новоаболени во првиот бран изнесувала 2452 нови случаи забележани на 15 април. Вкупната бројка на заболени од коронавирус во Белгија е 202.151, а регистрирани се 10.359 смртни случаи.

Бројот на новозаболени сега ги урива рекордите од првиот бран и во Италија. На 16 октомври оваа земја регистрирала 10.010 нови случаи, што е најголема бројка од почетокот на пандемијата. Во првиот бран најмногу заболени во еден ден Италија регистрирала на 21 март кога имало 6.554 нови случаи. Вкупната бројка на заболени во Италија е 391.611 и 36.427 смртни случаи.

Вториот бран е изразено посилен и во Полска каде на 15 октомври биле регистрирани рекордни 9.622 нови случаи. Претходната највисока бројка нови случаи во Полска била регистрирана на 8 јуни кога имало 599 новозаболени. Земјата има 167.230 вкупно заболени и 3.524 смртни случаи.

Оваа недела и Германија регистрирала рекордна дневна бројка новозаболени. На 16 октомври во Германија биле откриени 7334 нови случаи. Најголемата бројка во првиот бран во Германија била забележана на 28 март кога имале 6.294 новозаболени. Вкупната бројка на заболени од почетокот на кризата во Германија е 356.792, а имале 9.734 смртни случаи.

Холандија на 16 октомври имала 7984 нови случаи. Најголемата бројка новозаболени во првиот бран во Холандија била 1.335 регистрирана на 11 април. Земјата има 220.052 вкупно заболени 6,737 смртни случаи. Голем скок на дневните бројки бележи и Словачка. На 16 октомври во земјата биле регистрирани 2075 новозаболени. Најмногу случаи во првиот бран во оваа земја биле забележани на 16 април кога имале 114 нови случаи. Словачка има 28.268 новозаболени од почетокот на кризата, а регистрирани се 82 смртни случаи од коронавирус.

Вчера во Хрватска биле регистрирани најмногу новозаболени од почетокот на кризата

Над 1.000 заразени дневно изминатава недела забележа и Хрватска. На 16 октомври биле регистрирани рекордни 1131 нов случај, а истиот ден рекордни 834 случаи забележала и Словенија.

Од почетокот на октомври во постојан пораст се и бројките на новозаболени во Бугарија. И во оваа земја рекордна бројка е регистрирана вчера кога биле откриени 998 нови случаи на коронавириус.

Во текот на летото Бугарија регистрирала и по 330 нови случаи, а најголемата бројка од април е 91 новозаболен.

И Грција вчера регистрирала најголема бројка нови случаи од почетокот на кризата. Таму биле откриени 508 новозаболени. Брјките во Грција се во пораст од август навака, а во првиот бран во април најголемата дневна бројка на новозаболени била регистрирана на 21 април кога имале 156 нови случаи.

Филипче: Тешко е да се предвиди колку заболени дневно може да се очекуваат

Прагот над 500 случаи дневно го помина и Македонија во четвртокот. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сега, за разлика од првиот бран, немаат прогнози за очекуваните бројки на новозаболени.

„Тешко е да се предвиди колку заболени дневно може да се очекуваат. Се зависи од тоа дали ќе се почитуваат мерките“, изјави за „А1он“ министерот Филипче.

Комисијата за заразни болести по скокот на бројките кај нас, најави дека в понеделник ќе предложи дополнителни рестриктивни мерки кои вклучуваат ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 отсто и целосна забрана за работа по 23 часот на сите економски оператори.

Министерот Филипче очекува следната недела Собранието да го изгласа и веќе предложениот пакет рестриктивни мерки со кој е предвидено задолжително носење маски на отворено, забраната за групирање после 22 часот и забрана за домашни посети.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски