Сириската опсерваторија за човекови права во петокот соопшти дека до денес во земјата загинале најмалку 42.000 луѓе, од март минатата година кога започна конфликтот и бунтот против претседателот Башар ал-Асад, пренесе за АФП.
“Убиени се најмалку 29.455 цивили, а потоа 1426 војници кои преминаа на страната на опозицијата и 10.551 војници”, изјави за АФП Рами Абдел Рахман, директор на невладината организација за човекови права со седиште во Велика Британија.
“Во конфликтот убиени се уште 652 луѓе чиј идентитет не можеме да го утврдиме. За 21 месеци загинале вкупно 42.084 луѓе”, изјави Абдел Рахман.
Конфликтот во Сирија започна како мирен протест, но ескалира во оружен бунт кога сириската власт употреби сила против демонстрантите, наведе АФП.
“Кога кризата ќе заврши, најверојатно ќе пронајдеме уште жртви бидејќи во затворите се наоѓаат илјадници луѓе кои се водат како исчезнати”, изјави Абдел Рахман.
Покрај тоа, додаде тој, ниту војската ниту бунтовниците не сакаат да ги објават во потполност листите на своите жртви, како дел од нивната пропагандна војна.