Доктор од Италија: Се ескалираше преку ноќ, нема слободен кревет, а случаите се множат

Од:

Доктор од Бергамо, на северот на Италија, ја опиша состојбата во италијанските болници и тешките услови за справување со коронавирусот.

dobivaj vesti na viber

„По долго размислување дали да пишувам за тоа што ни се случува, сфатив дека молчењето не е одговор. Ќе се обидам да им пренесам на луѓето што се случува во Бергамо во време на епидемија на коронаворусот. Јасно е дека паниката никогаш не е најдобро решение, но ме лазат морници кога ќе видам дека сериозноста на ситуацијата не допира до луѓето“, напиша на „Фејсбук“ докторот Даниеле Мачини, кој работи на интензивна нега во болницата во Бергамо.

„И самиот со некакво чудење минатата недела ја набљудував реорганизацијата на целата болница, кога сè уште немаше толку заболени. Полека почнавме да ги празниме одделите и ослободивме што повеќе кревети на интензивна нега за да се подготвиме за епидемија. Ходниците на почетокот беа празни, а многумина, вклучувајќи ме и мене, не очекувавме дека ќе нè снајде некоја сериозна катастрофа.

Точно се сеќавам на ноќниот повик пред една недела кога чекав резултати од брис и кога бев во паника поради првиот можен случај на заразата. А сега ситуацијата, во најмала рака, е драматична.

(Фото: ЕПА)

Борбата со вирусот буквално ескалира преку ноќ, а битката трае со денови без прекин. Сега потребата за слободен кревет стана очигледна. Почнаа да се пополнуваат сите оддели предвидени за изолација. Плочките со имињата на пациентите, кои инаку имаат различна бојна зависно од одделот, сега речиси сите се црвени. Наместо ознака за операција, гледате дијагноза која секогаш  е проклето иста – билатерална пневмонија (воспаление на белите дробови предизвикано од коронавирус).

Сега објаснете ми убаво кој грип може да предизвика вака драматична ескалација? Кај нас се случува епидемиолошка катастрофа. Нема повеќе хирурзи, уролози, ортопеди. Сите станавме дел од единствен лекарски тим кој се соочува со ова цунами. Случаите на зараза буквално се множат, има приближно 15 до 20 дневно. Резултатите од брисевите доаѓаат едни по други: позитивен, позитивен, позитивен. Одделот за итни случаи е пред распаѓање.

Причините за доаѓање во болница секогаш се исти: температура, отежнато дишење, треска и кашлица. Радиолошките наоди се исто така речиси идентични: билатерална пневмонија, билатерална пневмонија, билатерална пневмонија. И сите треба да бидат хоспитализирани.

Некој се интубира и се праќа на интензивна нега. За други е предоцна… Секој распиратор злато вреди. Персоналот е исцрпен. Докторите пренесуваат кревети и префрлаат пациенти наместо медицинските сестри, и тие даваат терапии. Медицинските сестри се со солзи во очите затоа што не можеме да ги спасиме сите. Според виталните параметри, за некои пациенти веднаш е позната нивната судбина. Нема веќе смени, нема веќе часови. Социјалниот живот ни е на чекање. Веќе не ги гледаме нашите семејства од страв дека ќе ги заразиме. Некои од нас веќе заболеа, и покрај заштитата.

(Фото: ЕПА)

Некои од нашите колеги кои се заразени имаат и заразени роднини, а некои од нив се борат за живот. Значи, бидете трпеливи и внимателни, не одете во театри, музеи или вежбалници. Размислете за старите луѓе кои би можеле да ги заразите и убиете.

Ние се трудиме да бидеме корисни. И вие би требало да го направите тоа: во наши раце се животите на многу луѓе. Ве молам споделете ја оваа порака. Мораме на сите да им кажеме што се случува во Италија.

Ќе завршам со коментар за паниката. Не ја разбирам оваа војна со неа. Единствена причина за тоа, како што гледам, е недостигот на заштитни маски за лице, но и така веќе ги нема во продажба. Немаме доволно студии на оваа тема, но навистина ли паниката е полоша отколку занемарувањето на последиците од епидемија од ваков вид?“, прашува Мачини.

Според последните податоци, во Италија има 9.172 заразени, а 463 луѓе починаа од коронавирус. Моменталната стапка на смртност на северот на Италија е 5 отсто, што е повеќе отколку првичната проценка од 2 отсто. Според Светската здравствена организација, една петина од заболените има сериозни симптоми и потребно им е болничко лекување. Таквата состојба би можела да доведе до преотповареност на капацитетите и колапс на здравство.

Би можело да ве интересира

Лекови на Фајзер ќе бидат достапни по непрофитна цена во сиромашни земји

Ана Ололовска

Германски експерти сметаат дека е потребна една доза вакцина против Ковид-19 за децата на возраст од пет до 11 години

Ана Ололовска

Бил Гејтс: Лудо е да се каже дека мојата улога во пандемијата на коронавирус е злокобна

Ана Ололовска

Северна Кореја информира за уште 186.000 случаи на „треска“ во епидемијата на Ковид-19

Ана Ололовска

Внимателно реактивирање на животот во Шангај и Пекинг

Ана Ололовска

Маската во затворените простори, единствената Ковид мерка актуелна во Грција

Ана Ололовска