Демократски дебати неделава во САД – прва предигра за изборите во 2020 година

Од:

Пред милиони Американци неделава на првите демократски дебати ќе се појават на едно место речиси дваесетмина кандидати во трка за номинирање претстедателски кандидат од Демократската партија на изборите следната година.

Иако застапуваат различна идеологија – многумина од нив се центристи, либерали или пак прогресивци кои повикуваат на демократски социјализам – сите нив ги обединува идејата за „соборување од власт на актуелниот претседател Доналд Трамп“.

Од уривање на монополот на големите технолошки гиганти, преку парите и политиката, до расизмот, земјоделието и надворешната политика, се теми за кои се очекува жестоко дебатирање.

Дваесетмината ќе се појават во Мајами во текот на две вечери, среда и четврток, а дебатите ќе се емитуваат на ТВ каналите Ен-Би-Си, Ем-Ен-Би-Си и Телемундо.

Некои од помалку познатите кандидати, како поранешниот конгресмен Џон Делејни и Џон Хикенлупер, поранешен гувернер на Колорадо, се надеваат на излез од анонимноста, а другите со успешни рејтинзи, ќе покажаат што имаат за да ги одбранат позициите и да станат неприкосновени лидери во трката.

Вториве досега беа во центарот на вниманието, како поранешниот потпретседател Џо Бајден, сенаторите Берни Сандерс, Елизабет Ворен и Камала Харис, градоначалникот на Саут Бенд од сојузна држава Индијана, Пит Бутиџич, како и поранешниот конгресмен од Тексас, Бето О’ Рурк.

Јавностa го очекува настапот на Бајден, кандидат со највисок рејтинг, кој ќе се појави в четврток на иста сцена со Сандерс. Не толку поради разликите меѓу нив – Сандерс е прогресивец и повикува на сеопшти промени, Бајден води класична кампања со повик за враќања во „нормалноста“, но и поради неодамнешните изјави на бившиот потпретседател кои предизвикаа реакција кај многумина демократски лидери, дека пред четири децении, иако имал несогласување со некои сенатори сеграгационисти (оние кои отворено повикуваат на поделба на црната од белата раса), тој сепак соработувал со нив.

Најгласен во критиките за релативната позиција на Бајден кон расизмот е претседателскиот кандидат Кори Букер, афроамериканец и најмлад сенатор од Њу Џерси, но и Ворен и Харис.

Демократските стратези и претходно повикуваа на слабостите на Бајден, како недоволна дисциплина и виталност, но и зависност од големите спонзори. На дебатата в четврток тој ќе се обиде да ги исправи грешките од настапите.

Сандерс по се изгледа доби тоа што сакаше – да застане на иста сцена со Бајден и да го неутрализира неговиот висок рејтинг со повици за суштински промени – воведување на општо здравствено осигурување, бесплатно високо образование и загарантирана минимална саатница од 15 долари. Toj по се изгледа има уштe еден предизвик – кандидката Вoрен, чии рејтинзи растат забрзано и се приближуваат до неговите.

Сенаторката од Масачусетс во последно време стана демократска ѕвезда со својот пристап: „имам план за се“. Тоа што таа ќе се појави на првата дебата заедно со О’Рурк, а не со Бајден и Сандерс, може да e неповолно за неа, првите двајца да го одвлечат фокусот на вниманието и таа да остане во втор план.

Харис и Бутиџич се уште една двојка на кој треба да се обрне внимание. Остроумната Харис стана позната лани со вкрстеното испрашување на Брет Кавано, за време на сослушувањето за негово утврдување за судија во Врховниот суд на САД. Бутиџич, пак, се соочи со непредвидени околности. Во неговиот град минатата недела се случи убиство кога полицаец уби афроамериканец. Градот беше преплавен со протести и тој требаше да направи пауза во кампањата и да се појави пред своите граѓани, соочувајќи се со најголемиот предизвик во САД – расизмот, и индигнацијата и немирот кај афроамериканците од полициската бруталност. На дебатите в среда тој секако ќе одговара и на овие тешки прашања.

Едно нешто ги обединува главните демократски претставници во претседателската трка – соборување од власт на актуелниот претседател Доналд Трамп, центрист и десничар.

Кои политики ќе бидат клучни во победата над Трамп, кој минатата недела официјално ја објави својата кандидатура за реизбор поддржана од републиканците? И дали најновите тензични случувања со Иран, нападите на танкерите и соборувањето на американскиот дрон, ќе свртат добар дел од вниманието на дебатите кон надворешно политички теми?

Ова се некои од прашањата што неделава ќе бидат претресени на првите демократски дебати во САД, што претставува предигра за изборите во ноември 2020 година.

Би можело да ве интересира

САД испраќа огромен пакет воена помош за Украина

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски

Белата куќа се противи на палестинската државност

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама