Демократијата во време на технологијата

Од:

Гардијан – Лондон

Фактот дека трансатланскиот демократски капитализам, поранешен покренувач на повоениот просперитет, денес се соочува со сериозни проблеми, не го негира речиси никој кој се уште има храброст да ги прелистува дневните весници.

Глад, зголемен број на бездомници, токсични хемикалии во водата, недостиг на станбен простор по прифатливи цени: сите тие проблеми повторно се на дневен ред, дури и во најразвиените земји во светот. Драстичниот пад на животниот стандард долго се подготвуваше, 40 години неолиберална политика ги донесоа резултатите, па сето тоа не треба да не шокира.

Сепак, во време на последиците од војните во Блискиот Исток, прво бегалската криза, а потоа и се позачестените терористички напади во срцето на Европа, нашите економски и политички несреќи делуваат навистина заканувачки. Не е необично тоа што популистичките сили и од левата и од десната страна ја креваат главата и со леснотија удираат по елитите.

Од Флинт во Мичиген до Париз во Франција, носителите на власта се дезориентирани и оддаваат впечаток на неспособност од такви размери што Доналд Трамп покрај нив изгледа како супермен способен да ја спаси планетата.

Се чини дека демократскиот капитализам, таа необична институционална творба која требаше да го помири капиталистичкиот економски систем (имплицитно владеење на малцинството) и демократскиот политички систем (експлицитно владеење на мнозинството), поминува низ уште една криза на легитимитетот.

Идејата за кризата на легитимитето, која ја популаризираше германскиот филозоф Јирген Хабермас на почетокот на 70-те години од минатиот век, изразува нескладност меѓу прокламираните цели на нашите политички институции – потребата да се промовира еднаквоста, правдата и правичноста – и суровата политичка реалност во која тие исти институции често стојат на пат на вредностите за кои треба да се залагаат.

Во изворната концепција на кризата на легитимитетот, Хабермас пред се ја потенцира културната димензија, бидејќи како што верувал, функционалната држава на благосостојба, наспроти бројните забелешки на радикалните критичари, успешно ги намалува социјалните диспаритети, дава моќ на работниците и обезбедува и тие да добијат дел од се поголемиот економски колач.

Но, неговиот аргумент не го преживеа тестот на времето. Само 10 години подоцна, државите беа принудени да прифатат низа нови мерки во обид истовремено да ги исполнат желбите на капиталот и на трудот. Тоа е процес кој одлично го документираше главниот опонент на Хабермас во Германија, социологот Волфганг Штрек.

Прво дојде инфлацијата, па невработеноста, потоа растот на јавниот долг и конечно финансиската дерегулација која го олесни приватното задолжување, за да можат граѓаните да позајмат пари и да купат се она што повеќе не можат да си го дозволат, а што државата потчинета на неолибералната догма за намалување на буџетот, повеќе не можеше да им го обезбеди.

Ниту едно од тие решенија немаше долг век. Кризата на легитимитетот така е одложена, но не и решена. Во соочувањето со новите инвестиции со истата криза, денешната глобална елита има на располагање две можности. Една е прифаќање на популистичката програма за борба против естаблишментот која ја нудат Берние Сандерс и Доналд Трамп.

Тие двајца нема да се согласат за многу општествени и политички прашања, но двајцата се противат на неолибералниот консензус за глобализацијата, подеднакво ги критикуваат широко прифатените ставови за предностите на слободната трговија (во облик во кој е кодифицирана во договорите како што се НАФТА или ТТИП) и ја отфрлаат обврската на Америка да го одржува редот и мирот во светот (двајцата се поблиски на позициите на изолационизам).

Втората можност, поприфатлива за учесниците на собирите во Давос, е надеж во чудо кое ќе им помогне да ја убедат јавноста дека структурната криза во која се наоѓаме не е структурна и дека ќе се појави нешто – технологија за обработка на големо количество на податоци, автоматизација, „четврта индустриска револуција‟ – и ќе донесе спас, или барем ќе го одложи крајот, што е процес кој Штрек сликовито го опишал како „купување на време‟.

Но, денес се случува уште една важна промена. Финансиската индустрија која историски беше клучен фактор во процесот на „купување на време‟ и одложување на популистичкиот револт, наскоро можеби ќе ја препушти таа улога на индустријата на информатичката технологија, со мала помош на глобалната рекламна индустрија, тоа волшебно стапче кое овозможи многу дигитални услуги да ги добиеме бесплатно, во замена за личните податоци.

Шемата на тој нов пакт меѓу државата и индустријата веќе е на повидок. Вистинскиот доход можеби стагнира и населението повеќе не сака да се задолжува, но причина за паника нема: има се повеќе услуги, од комуникации до превентивна здравствена заштита, кои се бесплатни.

Освен тоа, се појавија и нови можности за составување крај со крај, обично со проституирање на сопственото слободно време или други поседи. Како што последниот британски буџет покажува, државата попрво ќе понуди даночни повластици и на такви микро претприемачи.

Податоците кои ја генерираат дигиталната платформа имаат пазарна вредност и можат да се продадат со добра заработка со која ќе се затнат дупките во буџетот – може да ги продава и самата држава.

Универзитетите, осигурителните компании, банките: многу компании би сакале да ги купат.

Исто така, благодарение на податоците кои ги собираат, технолошките компании можат да се позиционираат како пресудно важни за спречување на заканите со тероризам. Зад секој Тим Кук, кој не ги прифаќа барањата на агентите од ФБИ се наоѓа еден Питер Тил, славен претприемач и претседател на Управниот одбор на компанијата „Палантир“, гигантска фирма вредна 20 милијарди долари, која развива информатички технологии за одбранбената индустрија. Во неодамна објавеното интервју Тил се пофалил дека технологијата на неговата компанија придонела за спречување на терористички напади.

Стварноста на современата политика е црна не затоа што не е возможно да се замисли крајот на капитализмот – како во славниот диктум на марксистичкиот критичар Фредерик Џејмесон – туку затоа што денес еднакво е тешко да се замисли неговиот опстанок, барем во тој идеален облик во кој тој е колку-толку поврзан за резултатите на демократските „истражувања на јавното мислење‟.

Би се рекло дека единствено реално решение е тоа, политичките лидери повеќето свои надлежности, од социјалната заштита до одбраната, да ги препуштат на експертите од Силиконската долина.

Тоа веројатно би довело до незапамтен раст на ефикасноста. Но, зарем така во исто време нема да се зголеми демократскиот дефицит, со кој веќе се оптоварени нашите јавни институции? Секако да, но кризата на демократскиот капитализам е толку акутна што подготвени сме да се лишиме дури и од привидот на демократичноста. Затоа се намножуваат еуфемизмите кои треба да ја опишат новата нормалност („демократија прилагодена на потребите на пазарот‟ на Ангела Меркел е најпознат пример).

Исто така, слоганите од 70-те кои имаа за цел да го зацврстат демократскиот столб на постигнатиот компромис меѓу капиталот и трудот, од економска и индустриска демократија кон взаемно условување, немаат смисол во ера во која работниците на повремени работни места не можат да се организираат синдикално, а не пак подлабоко да влијаат на управувањето со фирмите.

Но, тоа не е најлошото. „Купувањето на време‟ повеќе не е адекватен опис на тоа што ни се случува и затоа што технолошките компании, дури повеќе од банките, се не само преголеми за да пропаднат, туку се така организирани што практично не е можно да се разградат, а уште помалку да се реплицираат, дури и ако избермее поинаква влада.

Многу од нив веќе де факто преземаа некои од надлежностите на државата. Тоа ќе го потврди деталната анализа на животот во „паметните градови‟ – во кои технолошките компании раководат со сите поважни услуги.

Всушност, технолошките компании забрзано создаваат основно опкружување во кое се одвива нашиот политички живот, опкружување за кое често не сме ни свесни. Кога Гугл и Фејсбук еднаш ќе го преземат управувањето со суштински важни услуги, познатата изјава на Маргарет Тачер за тоа дека „нема алтернатива‟ нема да биде само политички слоган, туку верен опис на стварноста.

Во денешната криза на легитимитетот најлошо е тоа што таа би можела да биде последна. Секоја расправа за легитимитетот подразбира не само способност да почувствуваме неправда, туку и да замислиме и да оствариме политичка алтернатива. Секогаш ќе имаме доволно имагинации за тоа, но моќта големите идеи да се претвараат во големи дела се повеќе е привилегија резервирана за технолошките гиганти.

Кога преносот на моќта еднаш ќе биде довршен, нема да има потреба да купуваме време, бидејќи демократската алтернатива ќе биде симната од списокот на расположливи опции.

Би можело да ве интересира

Демократијата во светот е во опасност, САД и Унгарија имаа големи проблеми предупредува шведски институт

Катерина Ѓуровски

„Легион плеј“ – нова рачна конзола на „Леново“

Ана Ололовска

Сметководителите ќе исчезнат, ќе бидат заменети со роботи

Ана Ололовска

„Нинтендо“ го претстави новиот „Свич ОЛЕД“

Ана Ололовска

„Уан-Плус“ го претстави поевтиниот модел „9-Р“

Ана Ололовска

Банка во Сингапур воведе технологија за препознавање лица, за услугите со банкомат

Ана Ололовска