Деца-војници во Јемен како „темпирана бомба“: Им ги перат мозоците, па ги испраќаат на фронт

Од:

Во Јемен се повеќе деца-војници се мобилизираат за војна. Многу од нив и умираат на фронтот. Ниту една од страните во конфликтот не се двоуми околу оваа пракса, но далеку поголем е бројот на децата кои се регрутираат од движењето на Хутите, пишува Дојче Веле.

Самир на крајот беше убиен. Овој 15-годишник со својот живот ја плати желбата да се бори на страната на Хутите во граѓанската војна што се води во Јемен.

Претходно, во неколку летни кампови, му беше објаснето каков е светогледот на бунтовниците, слушаше што зборуваа верските учители, ги слушна нивните тези за „џихадот“ и борбата за заштита на татковината. Самир беше воодушевен од тоа. Му рекоа дека Бог му дозволил да се бори против јеменската Влада. Тоа го турна на фронтот, таму да се бори.

Таткото на Самир, кој сака да остане анонимен, за Дојче Веле кажа дека тој и неговата сопруга прифатиле нивниот син да оди на летен камп. Но, кога Самир изјавил дека сака да замине на фронтот, неговите родители одбиле. Синот, меѓутоа, било невозможно да се запре.

На крајот, родителите попуштиле – меѓудругото и затоа што Самир редовно на своето сиромашно семејство му испраќал пари што ги заработил на фронтот. Покрај тоа, тој доаѓал дома на неколку месеци.

И тогаш дојде шокот: Самир е убиен. Хутите им го предадоа на родителите телото на нивниот син, а на челото имаше лента со натпис „Маченици“.

Самир не е единственото дете од населбата Сана, кое загина на фронтот. Три други момчиња, Имад, Јусеф и Мухамед, на возраст од 15 до 16 години, исто така, не ги преживеаја борбите. Тие беа убиени во бомбашки напад, а нивните остатоци беа предадени на нивните семејства.

Бунтовниците регрутираат најмногу

Регрутирање на деца-војници е една од најлошите форми на кршење на човековите права во граѓанската војна во Јемен. Во документ објавен кон крајот на јуни, Обединетите нации забележаа 163 такви случаи: 134 жртви беа момчиња, 29 девојчиња. Повеќето од регрутираните деца, или точно 115, одат на сметка на Хутите.

Тие, пак, од своја страна, протестираа против критиките на ОН. Во декларацијата напишана на арапски јазик, тие оценија дека извештајот на ОН го диктираат американската Влада и богатите нафтени земји.

Деца-војници на страната на владините трупи

Ниту владините трупи не се колебаат од регрутирање на деца-војници. Според документацијата на ОН, во нивните редови имало 34 деца. Според заедничкиот извештај на Организацијата САМ за права и слободи и Евро-медитеранскиот монитор за човекови права, групи блиски до јеменската Влада се обидуваат да регрутираат деца „во голем број“, особено во јужните провинции Таиз, Лахид и Абијан . Според тие организации, децата се носат на обуки во кампови во Саудиска Арабија.

Мобилизацијата на децата се одвива на различни начини. На пример, еден војник го регрутира својот малолетен син за да добие повеќе пари. Други, пак, ги охрабруваат своите малолетни браќа да одат во војска. Исто така, познат е случајот кога синот на убиениот војник го зазеде неговото место. Личните односи на семејствата со властите, исто така, играат улога во процесот на регрутирање.

Па, сепак, тука не станува збор за систематско регрутирање, тврдат локални извори за Дојче Веле, а праксата на владата се разликува од онаа на Хутите.

Тафик ал-Хамиди, претседател на Организацијата САМ за човекови права и слободи, на тоа гледа на сличен начин. Тој смета дека мерките што ги применуваат Хутите не се споредливи со мерките на владата. Во владините трупи, многу малку деца се директно вклучени во борбите.

-Повеќето од нив работат во градовите на цивилни работи, тие деца остануваат со своите родители, изјави Ал Хамиди за Дојче Веле.

Летен камп на Хутите

Според неколку организации за човекови права, Хутите врбуваат деца во далеку поголема мера. Студијата на Евро-медитеранскиот центар за човекови права и САМ Организацијата за права и слободи наведува дека од 2014 година Хутите регрутирале околу 10.300 јеменски деца. Во центрите за обука, децата се воспитуваат и учат да користат насилство. Тие се предмет на идеологијата на Хутите и се подготвуваат да се борат врз основа на екстремистички идеи.

Портпарол на јеменската организација за правата на децата, наречена „Организација за заштита на децата Сијаи“, наведува податоци што уште повеќе депримираат: Хутите имаат околу 6.000 летни кампови и во секој од нив се обучуваат најмалку сто деца. Малолетниците минуваат низ тактичка, борбена обука и многу од тие деца, по некое време, завршуваат на фронтот.

„Темпирана бомба“

Феноменот на регрутирање деца е еден вид темпирана бомба, изјави за Дојче Веле поранешниот министер за човекови права на меѓународно признатата влада, Мухамед Аскар.

На стотици илјади деца во камповите им се пере мозокот.

-Умот на децата им се полни со култура на омраза и слоганот „Смрт за Америка!“ Како овие деца за неколку години ќе ги интегрирате во општеството?

Дојче Веле, Бон

Би можело да ве интересира

Жесток напад на САД и Британија на неколку градови во Јемен, има мртви

Катерина Ѓуровски

САД и Велика Британија започнаа нови напади врз Хутите во Јемен

(ВИДЕО) Иран ги трие рацете; Хутите ја запленија американската „жолта направа“

Нови напади во Јемен, експлозија во Црвеното Море: Погоден американски брод

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Одмазда за погодениот танкер: американско-британски воздушен напад врз важно пристаниште во Јемен

Јеменските бунтовници се заканија: Американските и британските воздушни напади „нема да останат без одговор“